Авионот беше урнат минатата недела за време на руски напад со дронови и ракети, а во него настрада еден од најдобрите украински пилоти, Алексеј Мес. Украина допрва треба да ја објави официјалната причина за соборувањето на авионот.
Киев со месеци лобираше кај западните сојузници да им донираат десетици авиони Ф-16 за да ја зајакнат својата оскудна ескадрила од советско време. Мал број пилоти беа избрани да поминат обука во Данска, САД и Романија, иако Киев со месеци нема да може да размести полна ескадрила.
Обуката била фокусирана на мисиите кои Киев планирал да ги спроведува со западните авиони, а пред сè за пресретнување крстосувачки ракети, наведува американскиот весник.
Неименуван високопозициониран западен воен функционер кажал за Волстрит џурнал дека во моментов нема планови за модифицирање на обуката.
Пред да добијат борбени задачи, пилотите обично со месеци тренираат со своите единици, но украинските авијатичари веднаш биле вклучени во конфликтот. Објаснувањето за таквиот потег била идејата дека украинските пилоти со искуство во управување на советските авиони ќе имаат предност пред почетниците.
Во Украина се појавија тврдења дека конкретниот Ф-16 бил соборен со ракетен систем „патриот“, кој претходно го испратиле западните сојузници на Киев. Командантот на военото воздухопловство беше сменет неколку дена по инцидентот.
Извор за Волстрит џурнал кажал дека авионот исчезнал од радарите набрзо откако руска ракета експлодирала во негова близина, веројатно оштетувајќи го авионот Ф-16.
Главниот командант на украинската војска за Си-ен-ен кажа дека Киев брза со испраќањето на воениот персонал на линијата на фронтот за да ги надомести загубите на бојното поле.
„Нормално, сите сакаат нивото на обука да биде најдобро. Истовремено, динамиката на фронтот бара од нас постојано да испраќаме регрутирани војници колку е можно побрзо“, кажа тој.