Семејство на шестоодделенец од основното училиште „Војдан Чернодрински“ обвинува дека нивното дете е жртва на емоционално и психичко насилство од двајца наставници. Според документацијата, ученикот наводно го малтретирале наставничката по македонски јазик Жаклина Трајкоска и наставникот по музичко образование Марио Лазаров. Го нарекувале со погрдни зборови, му ги истурале книгите од ранецот на подот, го омаловажувале, ги нарекувале неговите родители неодговорни бидејќи ученикот неколку пати задоцнил на училиште. Наспроти тврдењата на родителите на детето дека тоа е жртва на психичко насилство, директорката на училиштето, Верица Неткова Пројчева, за МКД.мк вели дека тврдењата не се точни.
Јовица Страшевски, таткото на момчето, кој по професија е адвокат, вели дека неговото дете е малтретирано и дека нема да отстапи за да го докаже тоа. Тврди дека не сака неговиот син да има петки, туку да ги добие оценките што ги заслужил, но не да го малтретираат наставниците. Вели откриле дека нешто се случува со детето откако тоа почнало да не сака да оди на училиште.
„Наставничката по македонски јазик континуирано во текот на целата учебна година врши емоционално и психичко насилство со исмевање, омаловажување, озборување, навредување, нарекување со погрдни имиња… Наставничката пред сите ученици му велела на ученикот дека има грд ракопис, му ја фрлала тетратката на земја, го омаловажувала, го терала да ги испразни џебовите од панталоните, да ја дигне маицата, му го истурила ранецот на земја со изговор дека препишува и откако не му нашла ништо, со исмевање си продолжила како ништо да не се случило. Истиот ден на 13 април 2023 откако јас како родител на приемен ден отидов да поразговарам со предметниот наставник по македонски јазик, а таа на недоличен начин, со навредување, не ме прими на разговор, во наведениот ден за прием истакнат на огласна табла. Таа потоа со пенкало го исправи датумот на таблата од четврток во вторник за веднаш на наредниот час пред сите да му каже дека со гордост ме избркала, дека сум некултурен и дека никогаш нема да ме прими“, вели таткото на ученикот.
Тој тврди дека директорката се пазарела со него и му било понудено неговиот син да добие петки, само да не ги тужи наставниците.
Но тврдењата на директорката за ова се сосема поинакви и спротивни од она што го тврди родителот – адвокат. Таа за МКД.мк беше изненадена од тврдењата на родителот и изјави дека се работи за комплетна лага, дека никогаш не се пазареле за оценки на детето, туку токму тоа што ученикот немал одличен успех, а не психичко насилство, било причина таткото да се заканува со тужба. Директорката смета дека таткото ја користи професијата за детето да биде одличен ученик, иако вели дека има лоши оценки, меѓу кои и двојка.
„Ви тврдам дека нема никакво насилство од страна на колегите. Колегата по музичко живеел во близина со ученикот и бидејќи детето доцнело неколку пати на часови, му понудил да го носи за да доаѓа на време. Не знам како детето тоа го доживеало како насилство. Колегата по музичко е наставник околу 10 години, а колешката по македонски јазик преку 20 години, и никогаш ниеден ученик не се пожалил од нив. Во ова одделение имаме дете со аутизам, со кого постојано има возрасен асистент како придружба. Побарав од неа да даде образложение и таа кажа дека немало ниту фрлање книги, ниту психичко насилство. Причина се оценките, па затоа и оваа тужба се покренува на крајот на училишната година“, вели за МКД.мк Неткова Пројчева.
Таа појаснува дека се јавила и во полициската станица во Карпош, но од таму ѝ рекле дека нема никаква основа за каков било записник или пријава, па сѐ останало само во усна форма.
„Ова не е вистина, не е точно дека сме се пазареле со родителот. Причината за оваа пријава е емоционална и ништо повеќе. Тој бара од мене да поведам дисциплински постапки против предметните наставници, да се казнат и да се избркаат. На која основа јас тоа да го направам кога нема емоционално насилство врз ученикот? Родителот ја користи својата професија и нам ни врши мобинг. Неговата реакција ви тврдам дека е заради оценките. Ако сака повисоки оценки, детето може слободно да полага пред комисија“, додава директорката.
Страшевски, пак, вели дека тој реагирал сега, кога поминала училишната година, бидејќи никој не го известил до сега дека детето има проблем, иако, вели, оставил контакт кај класниот раководител.
„Се пазареа со мене за да ја повлечам тужбата, а тие да му стават петки на син ми. Тоа ќе го докажам и нема да отстапам од тужбата. Случајот ќе го истерам до крај бидејќи моето дете не е со лошо поведение, туку е малтретирано од наставниците.“
Во документацијата има и извештај од психијатарот кај кој таткото го носел детето. Таму пишува дека момчето потврдило дека било исмејувано и навредувано.
„Момчето се јавува на преглед откако неговиот татко добива податок дека детето во текот на учебната година е навредувано од наставници. Таткото се обратил и случајот го пријавил кај директорката, но состојбата не се подобрила, напротив, ситуацијата се влошила. Во текот на прегледот уредно се воспоставува вербален контакт, кажува дека во текот на целата учебна година бил навредуван и исмеван од неколку наставници. Тоа не го споделил дома со родителите бидејќи се плашел да не му се намалат оценките. Им признал на родителите откако неговите соученици за тоа го известиле неговиот татко. Воспоставен е психотераписки сојуз со психолог, во моментот на прегледот кај детето се следи подобрување на емоционалната состојба како резултат на поддршката што ја добива од семејството и другарите. Даден е совет да се прави контрола по потреба“, пишува во извештајот од Заводот за ментално здравје Младост.
За овој случај се запознаени и од Државниот просветен инспекторат, а и од невладината организација „Рубикон“. Владо Караев за МКД.мк вели дека појавата на психички малтретирани ученици во последно време е сѐ почеста.
„Иста појава се случува кога се пријавува насилство врз децата, наставниците се здружуваат, си ја бранат фелата и угледот и најчесто, за жал, тоа им успева. Но овде во овој случај тие виделе дека родителот не застанал, па настапува друга ситуација во која бараат случајот да се затвори, а да се поправат оценките на детето. Очигледно е дека не е почитувано Упатството од Министерството за образование и наука за постапување во случај на насилство врз ученик. Овде нема записници и се гледа да се забошотила ситуацијата, без хартија, без документи. Наставниците се сплотуваат и детето-жртва ќе го направат како да е дете-насилник. Кога нѐ консултираат, ги подучуваме дека треба да се подобри соработката со наставниците, да се побара да се делува преку упатството за справување со какво било насилство во училиште. Овде мора да се провери дали има докази и да се чека дали има одлука за да се покрене дисциплинска постапка“, вели Караев.
Тој советува дека кога родител ќе каже дека детето му е соочено со насилство, треба да се отвори предмет и да се сочини записник.
„Наставниците се уплашени, партиски се вработени и имаат притисоци, и ако не му дадат поддршка на училиштето, може да се соочат со губење на работното место и не сакаат да ја валкаат фелата. Инсистираме секој случај, па и овој, да се води според институционалните механизми и да ѝ се даде важност на секоја поплака. Да се има сериозен пристап кон пријавите на насилство и да не се игнорираат бидејќи доведуваат до поголеми последици, односно до намалување на самодовербата кај децата“, додава тој.
Од различните верзии за овој настан не отстапуваат ниту таткото, ниту директорката, а сега институциите се на ред да го кажат конечниот збор за тоа дали има психичко насилство врз ученикот или не.
К.Д.