МЗТ Скопје е старо-нов шампион на Македонија, избраниците на Васко Атанасов вечерав славеа против Пелистер во Битола и со „метла“ стигнаа до јубилејната десетта титула.
По едно рамноправно прво полувреме, „штрковите“ сите дилеми околу победникот ги решија во третата четвртина. Со серија од 21-8 стигнаа до огромни плус 14 (52-66) и трасираа пат кон нова радост.
Домаќините во последниот период го дадоа максимумот за да се вратат во игра, намалија на 70-79, ја кренаа атмосферата во салата но Вер со тројка веднаш ги олади и МЗТ Скопје рутински го приведе мечот до триумф од 83-92.
Јунак на вечерва беше Војдан Стојановски, кој прикажа извонредна партија со 33 поени и само две промашувања. Двоцифрени кај МЗТ Скопје беа уште и Вер со 16 поени (4/4 за тројка) и Абдул-Малик Абу со 12 поени. Донтај Карутерс со 18 поени беше најдобар поединец во редовите на Пелистер.