Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека Јавното комунално претпријатие (ЈП) Комуналец од Гостивар испратило известување дека поради контаминација предизвикана од обилните врнежи од дожд, најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата од јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење.
„До натамошно известување, да не се пие водата од чешма“, порачаа гостиварски Комуналец.
Слично е и во Тетово. Водата во изворите на Лешница е загадена, системот на филтер станицата засега е целосно затворен, а тетовчани се снабдуваат со намалено количество вода. Од вчера има и рестрикции на вода.
„Јавното комунално претпријатие (ЈКП) Шар од Тетово информира до ЦУК дека поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер станицата на Лешница засега е целосно затворен, градот Тетово се снабдува со намалено количество вода, а дека екипите на Шар се на терен за брзо решавање на проблемот. Истовремено известуваат дека ќе има ограничување на водата во градскиот водовод од 13 до 15 часот и во период од еден часот по полноќ до четири часот наутро“, информираа од ЦУК.
Како последица на обилните дождови тетовските пожарникари имале две технички интервенции за испумпување вода во тетовската населба Деребој, кај подвозникот за село Фалише и испумпување вода во поплавена куќа во истата населба.