среда, 23 октомври 2024
Официјалните причини ќе се знаат по анализите од обдукцијата

Во ЗОО Скопје угина кралскиот орел кого доброволците од Кочани го спасија и го дадоа на закрепнување

Повредениот и истоштен царски орел кој што пожарникарите од Доброволното противпожарно друштво од Кочани го спасија и го однесоа во Зоолошката градина во Скопје заради негово згрижување и ветеринарен третман, вчера угинал. Информацијата за МКД.мк ја потврдија од доброволното друштво од каде велат дека од ЗОО Скопје веднаш биле известени и дека за причината нема да зборуваат додека не се изготват комплетните обдукцијски наоди. За жал хуманата мисија на која пред само еден ден и се наѕираше среќен крај, заврши трагично, а причините допрва ќе се утврдуваат.

Објавено на

часот

Сподели

„Веста дека кралскиот орел е угинат за нас беше шок бидејќи претходните денови постојано комунициравме со вработени до ЗОО Скопје од каде ни беа пратени фотографии и видеа дека тој самостојно се храни и дека многу скоро ќе ни го вратат назад за да може да го пуштиме во неговото природно живеалиште. За причините за оој тажен настан ќе зборуваме откако ќе ни бидат доставени официјалните обдукциски наоди“, ни изјавија за МКД.мк од Доброволното противпожарно друштво Кочани.

Ден претходно нашата редакција објави дека овој реков вид на птица брзо закрепнува откако беше спасен од кров на викендичка на Пониква, а информациите ни беа добиени од истото доброволно друштво кое го спаси орелот и кои ЗОО Скопје ги извести дека птицата е во добра состојба.

Државниот Инспекторат за животна средина беше известен за случајот од страна на Македонското Еколошко Друштво, а комуницирале и со Управата на ЗОО Градина Скопје и ФВМ.

Угинатата птица била однесена на Факултетот за Ветеринарна Медицина-ФВМ при УКИМ, Скопје каде од страна на стручни лица-професори се врши обдукција за да се утврди точната причина за угинувањето.

Царскиот орел припаѓа на групата загрозени видови птици и се проценува дека во Македонија има само десетина двојки. Едно од неговите природни живеалишта е во околината на локалитетот Раткова Скала на Осоговските Планини. Поради пожарите кај селото Зеленград, кое е во непосредна близина на локалитетот, птицата била повредена, дезориентирана и не можела да се врати во своето гнездо.

Во Македонското еколошко друштво (МЕД) од граѓаните ширум државата често пристигнуваат дојави за пронајдени повредени диви животни. Од таму велат дека нивниот тим многупати досега направил се што може за да им помогне, во рамките на нашите познавања и ресурси, иако тоа е многу поразлично од нивните редовни обврски.

„Можеме да издвоиме ресурси само за единки кои припаѓаат на исклучително засегнати видови (со мала бројност во земјата). Во неколку наврати изминативе години МЕД и Зоолошката градина во Скопје помогнале да закрепнат единки на белоглави мршојадци, штркови и други видови, единки кои потоа биле успешно вратени во природата. Како и во минатото, овој понеделник Македонското еколошко друштво доби дојава за повреден царски орел на локалитетот Пониква. Станувше збор за млада единка, најдена од доброволното пожарникарско друштво. МЕД ги упати пожарникарите во Зоолошката градина во Скопје, каде што орелот беше згрижен, но за жал набрзо почина. Самиот факт што пожарникарите доброволци успеале да го фатат орелот, зборува за тоа во колку лоша состојба се наоѓал. Резултатите од рентген снимките покажаа дека не бил жртва на огнено оружје, и немал скршеници“, велат од МЕД.

Стапката на смртност на младите грабливи птици е многу голема во природата.

„Кај конкретниот вид, само 10-20% од сите пролетани млади птици ќе дочекаат возраст за репродукција (3-4 години старост). И покрај тоа, заради долговечноста на возрасните единки, доколку заканите се мали, популацијата се одржува стабилна, или расте, како што тоа беше случај во Македонија до пред неколки години. За жал, во последниве неколку години гледаме благо намалување на бројноста, што најверојатно се должи на промените во живеалиштата, намалувањето на изворите на храна, колизиите и струјните удари со енергетската инфраструктура, но првенствено на опасноста од отровни мамки поставени за труење на волци и кучиња. Непознати остануваат ризиците од пестицидите кои се користат во земјоделството, и од конзумирањето на оловни сачми останати во телата на животни кои биле цел на лов. Во отсуство на центар за рехабилитација на центар за диви животни, Зоолошката градина во Скопје ги има најдобрите услови за закрепнување на ваквите животни, затоа ги поздравуваме нејзините напори за да помогне. Македонскиот систем не е подготвен соодветно да реагира на случаи во кои се повредени диви животни. За разлика од кај нас, во Бугарија и Грција постојат специјализирани центри за рехабилитација на диви животни. Кога на Шар Планина беше пронајдено повредено мече, нашиот тим најпрво го згрижи во Скопе, а потоа издејствува и транспорт на мечето во Грција, каде што тоа и покрај што беше со неподвижни задни екстремитети, со помош на специјализирана нега живееше уште шест години. Во 2017 година, кога добивме дојава за повредено младо од рис во Кичево, нашиот тим издејствува тоа да биде згрижено во Зоолошката градина во Скопје. И покрај големите напори, тоа беше во премногу лоша состојба и по само една недела угина“, додаваат од МЕД.

Од таму посочуваат дека резултатите од обдукцијата кога ќе бидат изготвени, ќе бидат споделени со јавноста, а за односот меѓу Зоолошката градина во Скопје и Македонско еколошко друштво низ годините, велат дека  претставува пример за соработка меѓу државните институции и граѓанскиот сектор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ