сабота, 27 јули 2024
Конференција „Влијанието на корупцијата и непотизмот врз јавниот сектор“

Во здравството има корупција и непотизам, излезот е во поголеми плати за здравствените работници

Кога беше еден, Клиничкиот центар во Скопје, со еден директор и еден Управен одбор, најголемиот долг изнесуваше околу 6 милиони евра, а сега преку 20 милиони евра долг има само Клиниката за онкологија што значи дека на месечно ниво се трошат огромни суми пари. Ако тие се вложат паметно и ако се врати Клинички како што беше до 2008 година, ќе има голем бенефит и за здравствените работници и за народот, рече денеска претседателот на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во земјава, Предраг Серафимоски на конференцијата „Влијанието на корупцијата и непотизмот врз реформите, платите и капацитетите на јавниот сектор“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што истакна Серафимоски, ситуацијата во здравството е алармантна – има корупција при набавка на медицинска опрема, материјали и лекови, има непотизам при вработување, граѓаните се научени да даваат „бакшиш“ само за да завршат работа на лекар, докторите и останатиот медицински персонал масовно ја напуштаат државата.

Закони има, напомена Серафимоски, но некој треба да ги спроведува. Ако се утврди коруптивна зделка, треба да има високи казни и тие да се почитуваат.

Претседателот на Самостојниот синдикат, „излезот“ го гледа, пред сѐ, во зголемување на платите на лекарите и медицинскиот персонал. Без тоа, како што потенцира, попусто е да се градат или да се модернизираат болниците.

„Корупцијата во нашето општество е општо прифатена норма, а позната е уште како ‘бакшиш’. Перцепцијата на граѓаните е дека во здравството има голема корупција, и во јавното и во приватното. Во приватното здравство каде платите се далеку поголеми, постои тенденција граѓанинот, за да заврши работа за добро на своето или здравјето на фамилијата, сака да го почести докторот. Но, така е и во јавното здравство – тоа ни е веројатно во генот. Која било партија да е на власт, прво треба да се зголемат платите во здравството, инаку е сѐ попусто. Попусто е да се прават болници и да се модернизизраат ако лекарите и останатиот медицински персонал масовно бегаат и има егзодус, најмногу во Германија и Австрија, а во последно време и во Шведска и Норвешка. Ако продолжиме со оваа политика, за кратко време ќе нема кој да го лечи народот, ќе се вратиме на бајачки“, истакна Серафимоски и повтори дека од 450 доктори, 430 земаат лиценци на англиски и германски јазик.

Ова, дополни, треба да им биде јасно на сите политичари.

„Вака веќе не може. Фондот е максимално искористен, се испумпуваат пари во приватните здравствени организации, а сите најтешки пациенти повторно завршуваат во јавното здравство. Треба да се сменат законите за нулта толеранција на корупција и да се прибилижиме кон европските норми, но без зголемување на платите сѐ друго е ирелевантно, рече Серафимоски.

Претседателот на Синдикалната организација на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој при САДУ и член на претседателството на Синдикатот на администрацијата и државната управа на Македонија (САДУ) при КСС, Стефчо Негриески, изнесе податок дека почетната плата на судија во земјава е 130.000 денари, а на лекар специјалист 45.000. Според него, приватната здравствена установа Систина има помал буџет од струшката болница, а ако се споредат условите и платите, може да се заклучи дека пари има, но не се домаќински потрошени.

„Парите се крадат, пари има, но не се домаќински потрошени“, нагласи Негриески.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ