сабота, 28 декември 2024

Во вторник студентите ќе знаат дали повторно ќе се возат без пари

Владата на редовната седница во вторник ќе донесе одлука да се потпише договор за средствата што се обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за субвенционирање на превозот на студентите со што мерката ќе продолжи непречено и од јануари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Средствата се обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за образование и наука за следната година и на редовната владина седница во вторник на 31-ви декември, откако веќе се исконсултирав со министерката, ќе донесеме одлука да се потпише договор за да може веднаш да бидат префрлени на ЈСП бидејќи сесијата започнува во јануари и  студентите беспрекорно да го користат јавниот превоз во градот Скопје“, изјави Мицкоски на новинарско прашање по присуството на презентацијата на резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Мицкоски претходно најави можност за реалоцирање средства со цел да се обезбеди бесплатен автобуски превоз за студентите.

„Претходната Влада не ги предвидела овие средства ниту потпишала договор, мислам дека се 120 милиони денари за следната година. Тоа е далеку од она што е потребно на ЈСП, но излеговме во пресрет кога требаше да се интервенира за да се обезбеди нафта за да можат автобусите да се сообраќаат соодветно и да превезуваат патници“, рече Мицкоски.

И Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје претходно испрати апел до Владата и Министерството за образование и наука, на владина седница да овозможат релоцирање на средства со цел продолжување на бесплатниот превоз за студентите во 2025 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ