Како што информираат од македонската полиција, станува збор за Вулнет Х. (34) и Нури Н. (33), кои беа обвинети дека извршиле 23 грабежи на банки, при што украле вкупно 1,15 милион евра.
Вулнет Х. претходно веќе е осуден со правосилна пресуда на казна од девет години за други три грабежи на банки, па го очекува затворска казна од вкупно 18 години.
Во септември минатата година, разбиената криминална група се товареше за досега најголемата серија на разбојништва во банки во Австрија, сите сторени во периодот од 2004 до 2011 година.
Последното разбојништво беше регистрирано на 31 јануари 2011 година во Грац.
Главна цел биле филијалите на банката „Ерсте“, од кои најголем дел на подрачјето на Виена.
Нури Н., наречен Лутка, е од тетовското село Требош. Во февруари минатата година тој беше приведен во Берлин од страна на германската полиција и потоа беше екстрадиран во Австрија. Тој во изминативе седум години користел 15 различни идентитети за да ги избегне органите на прогонот во земјите каде што се криел и престојувал. Во Берлин се претставувал како Ќамил Исмаили од Тетово.
Тој од претходно ѝ е познат на македонската полиција во чија евиденција е регистриран како сторител на повеќе кривични дела – недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи, фалсификување исправа и убиство во обид.
Во одвоена акција минатата година беше приведен Вулнет Х. (33) од истото село (инаку соученик во основно училиште на Лутка), кој фигурира како коорганизатор на групата.
Исто така, беа приведени уште три лица, од кои две се македонски државјани и еден словачки.