На настанот беа презентирани краткорочните и долгорочните цели како и структурата на самото здружение од страна на претседателот на здружението Горан Шутиновски. Со поздравен говор пред присутните се обрати и в.д. амбасадорот на Македонија во Полска, Илија Псалтиров.
Беа прикажани и два краткометражни филмови, „Долу од рајот“ во режија на Саша Станишиќ и „Ќе му се јавам на татко ти“ во режија на Леонид Ристов.
Со музичка точка настапи ансамблот за песни и танци при Економскиот универзитет во Варшава со изведба во живо на неколку полски народни песни, а посебно за оваа пригода, и на големо воодушевување на присутните, ансабмлот ја изведе македонската песна „Македонско девојче“, испеана на македонски јазик, напишана и компонирана од македонската музичка легенда Јонче Христовски.
Во изложбениот простор на културниот центар имаше и поставка на авторски урбани фотографии од Скопје и Варшава на Даниел Анастасов, потпретседател на здружението, како и изложени македонски орнаменти од приватните колекции на некои од членовите на здружението.
Изложено беше и достапно на продажба двотомното издание „Македонија 1 и 2“ според Јозеф Обрембски“ во редакција на Ана Ангелкин, Јоана Рексас и Илија Упалевски од Институтот за етнологија во Варшава.
Здружението за промоција на македонска култура во Полска е непрофитна невладина организација, чија примарна мисија е да ги обедини Македонците кои живеат во Полска, да гради пријателски полско-македонски односи, да ја промовира македонската култура, уметност, јазик и да ги доближи до сите оние кои сакаат да ја запознаат Македонија.