петок, 18 октомври 2024

Во Турција почна првото големо судење поради уривањето на зградите во разорниот земјотрес

Во Турција денес почна првото големо судење во врска со изградбата на зградите кои се урнаа во катастрофалниот земјотрес во февруари 2023, во кој загинаа повеќе од 50. 000 луѓе, а во овој случај станува збор за хотелот Исиас во Адијаман.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според турските медиуми, пред судот во Адијаман, на југоистокот на земјата, излегле 11 обвинети меѓу кои сопственикот на хотелот, а обвинетите се за „свесна негрижа“ за време на надзорот на изградбата на десеткатницата која се урна во земјотресот носејќи во смрт 72 лица, од кои 42 адолесценти, кипарски Турци, кои биле на спортски натпревар.

Според обвинението, најмалку еден од катовите на хотелот бил нелегално додаден. Експертскиот извештај утврдил и многу лош квалитет на користениот градежен материјал. На обвинетите им се закануваат и над 20 години затвор.

Градот Адијаман е сместен на помалку од 100 километри од епицентарот на земјотресот со јачина од 7,8 степени кој се случи на 6 февруари 2023. Градот беше разурнат во земјотресот.

Во земјотресот во Турција загинаа повеќе од 50.000 луѓе, а во Сирија 6.000.

Повеќе од 260 луѓе кои учествувале во изградбата на зградите кои се урнаа во земјотресот се уапсени, а некои од нив се обидоа да избегаат од Турција.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не претрпе политичка штета поради земјотресот и неколку месеци подоцна повторно беше избран.

Ердоган за големиот број жртви во земјотресот ги обвини градежните претприемачи кои им платиле на локалните инспектори за да можат да користат евтини материјали и нелегално да додаваат катови на зградите.

Критичарите на Ердоган одговараат дека повеќето главни градежни компании во земјата се тесно поврзани со владејачката партија АКП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ