сабота, 27 јули 2024

Во трката кој ќе искаже поголема почит и љубов кон претседателката на Косово, се заборави на македонскиот јазик, писмо и знаме

Објавено на

часот

Сподели

За потсетување, косовската претседателка дојде во официјална посета на Македонија. Освен со нејзиниот домаќин, претседателот на Македонија Стево Пендаровски, Османи имаше средби со македонскиот премиер, со претседателот на Собранието на Македонија, имаше обраќање на пленарна седница во парламентот, имаше средби со лидерите на политичките партии, меѓу нив и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Протоколи вообичаени и за други официјални посети на претседатели на држави.

На Османи ѝ беше укажана и посебна чест да ја пресече лентата на преименувана улица во скопската населба Чаир, која по нејзината посета го носи името токму на нејзиниот претходник на чело на младата Република Косово, на првиот косовски претседател и некогашен лидер на движењето за осамостојување од Србија, Ибрахим Ругова. 

Ако најпрво во рамките на албанскиот политички фактори главната улога за пречек на претседателката Османи ја имаше врвот на ДУИ – најпрво претседателот на Собранието Талат Џафери во државничка улога, а потоа и лидерот на интегративците Али Ахмети во партиска улога, а потоа и лидерот на тазе владејачката Алијанса за Албанците Арбен Таравари во партиска улога, подоцна Вјоса Османи имаше и средба со врвот на „огнената“ непризнаена фракција во ДУИ.

в

Нејзини домаќини беа градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и неформалниот лидер Изет Меџити. Тие ѝ ја укажаа честа да биде во главна улога на инаугурацијата на улицата Ибрахим Ругова, блиску до Калето, во стариот дел на Скопје, како што ќе рече Ганиу и ќе додаде дека токму тука Ругова доаѓал и добивал гостопримство во жешките косовски години.

гаши

Во неформалното седиште на непризнаената огнена фракција во ДУИ место за свечениот настан имаше и за тазе опозиционерот, лидерот на Алтернатива Африм Гаши, кој токму деновиве ги повика партиите на Албанците и останатите албански фактори на здружување за пораз на ДУИ и заминување од власта, каде што се наоѓаат две децении.  На чело со „огнениот“ градоначалник потоа групно се замина во Старата скопска чаршија, каде што претседателката доби од градоначалникот, како што рече тој, симболичен подарок од семејна златарница со долга традиција.

чар

Косовската претседателка заедно со својот домаќин претседателот Стево Пендаровски се поклони и положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а потоа во друштво на политички претставници на Албанците – и на спомениците на Скендербег и Хасан Приштина.

А потоа пред Вјоса Османи се отвори патот за Тетово, каде што уште на влезот ја пречекаа огромни билборди со добредојде за „госпоѓата претседателка“, строг сообраќаен режим за обичните тетовци и богата програма подготвена од градоначалникот Биљал Касами, во, како што и овојпат тој објави, „главниот центар на Албанците во Северна Македонија“, што многумина го протолкуваа како да сака да каже „Тетово главен албански град“.

тет

Па сепак Касами, во занесот на пречек на државничката од Косово, во еден момент на прес-конференцијата ќе рече „Тетово, еден од главните градови во Македонија“, па „Тетово еден од најважните градови“, или „Дарданско Тетово“.

Со Вјоса Османи можност за поздравување имаше и младо и старо. Беше организиран и пречек од деца облечени во албански народни носии и капи и со албански знаменца за мафтање. (За разлика од фејсбукот на градоначалникот, МКД.мк сепак ги „замагли“ лицата на децата). Некој ќе рече дека таков пречек со пригодно облечени и излезени деца имаше во некои поранешни времиња.

дец

Касами имаше одлична улога и да биде официјален домаќин, да приреди прием, да организира ручек, а тој и Османи во централна позиција да бидат и заедно овековечени и со други градоначалници Албанци, од сите партии и фракции. По сè, токму оваа фотографија како да покажува дека на косовската претседателка ѝ станало малку незгодно од преголемата чест и интензитет на средби, манифестации, приеми, говори, обраќања, ручеци… Или нас окото нѐ лаже…

град

Но мора да се признае дека претседателката покажа многу достоинствено и пријателско однесување за време на целата дводневна посета на Македонија, без оглед на тоа со кого и каде имала средби, иако сепак во еден момент ја понесе атмосферата во Тетово, па рече „Тетово е нашата славна и заедничка историја, од Тетово започнаа многу големи процеси“, што веќе не остана незабележано и од медиумите и од некои политичари..

каса

Но тоа што зачудува е со колкава леснотија албнаските политички фактори заборавија на обврските кон својата држава. Пред сè кон македонскиот јазик.

Иако албанскиот јазик со оние веќе политички оспорувани уставни 20 проценти е во официјална употреба и во Скопје и во Тетово, тоа не значи да се игнорира официјалниот македонски јазик, макар и да се работи за еднонационални официјални средби, каква што беше таа со градоначалникот Касами. Па така, со говоранциите, билбордите за „Добредојде госпоѓо претседателке“, новопоставените големи ознаки за градот – „Тетоva“, и разните други пригодни новопоставени симобили, со еден збор, целосно „се заборави“ на македонскиот јазик и писмо. Нешто што не се заборава на Косово во поглед на српскиот јазик, кој е во официјална употреба.

Вчера поради тоа реагираа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преку своите тетовски разграноци.

вјо

Дали само албанскиот јазик е официјален јазик во градот Тетово? Дали македонската етничка партија што ја поддржува власта го поддржува тоа? Дали треба да чекаме висок гостин да нè посети за да се исчисти и уреди градот? Зарем граѓаните на Тетово не го заслужуваат тоа секој ден, запраша советникот од СДСМ Глигорије Стојановски.

Разгранокот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика институциите на Република Македонија да преземат енергични мерки и да постапат според Уставот и важечките закони во врска со поставувањето на билборди само на албански јазик. „Сметаме дека е добро да градиме добрососедски односи, но, остро се спротиставуваме на злоупотребувањето на Уставот и законите и цениме дека е недозволиво девалвирањето на употребата на македонскиот јазик како единствен службен јазик, како и државното знаме“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

И разграноците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека градоначалникот Касами повторно Тетово го нарекува главен албански град, а со иста осуда се јави денеска и Обединетата македонска дијаспора (ОМД), од каде што изразуваат осуда и поради истакнувањето на неуставни обележја на друга држава во функција на големоалбанска идеологија.

ОМД бара построги мерки против носителите на функции кои го прекршуваат македонскиот Устав, особено кога се среќаваат со странски делегации.

лу

Македонија, за жал, премногу често е стереотипна како само уште еден балкански хаос. Како да им понудиме на нашите меѓународни сојузници, инвеститори, трговски партнери дека сме сериозна земја, отворена за бизнис, кога локалните градоначалници се однесуваат како студенти-политичари? Иредентистичкиот и националистичкиот токенизам немаат работа на официјалните приеми“, изјави Гордан Јорданов од ОМД.

Инаку, Касами, како и другите лидери на Албанците со изјави навлегоа и во односите меѓу Косово и Србија, па на косовската претседателка ѝ искажаа и честитки за изборите во Северна Митровица, со кои, како што оценија, се легитимизира владеењето на правото и демократијата на целата територија на Косово. Избори што речиси стопроцентно беа бојкотирани од Србите.

П. Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ