четврток, 26 декември 2024

Во ТИРЗ Кичево поставен камен-темелник на фабрика за електронски батерии за автомобили

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на поставување камен-темелник на изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија Авеста батери енд енерџи енџинеринг (Avesta Battery and Energy Engineering) во ТИРЗ Кичево.

Објавено на

часот

Сподели

Тој заедно со директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Гоце Димовски, најавија дека договорот на инвестицијата е во вкупна вредност од 40 милиони евра, а се отвораат и нови 600 работни места. Во првата фаза инвестицијата изнесува 10 милиони евра, со вработување на 200 лица.

„ Денеска отпочнува една убава инвестиција овдека за овој дел на Македонија, во Кичево. Како што извршниот директор кажа, очекуваме максималниот број на вработени во еден момент да биде 600, зошто да не и повеќе. Очекуваме за 6-7 години извозот да биде до половина милијарда евра, односно до толку да биде максималниот раст на извозот. На почетокот ќе биде нормално 50-ина милиони , но тој ќе се развива. Ова се само докази дека заеднички може да се прави многу, заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце и инвеститорот направија многу за овој проект конечно да заживее. Помина и на владина седница“, кажа премиерот Мицкоски на поставувањето камен-темелник на фабриката во ТИРЗ Кичево.

Тој истакна дека по оваа инвестиција следува уште една од скоро време, односно дека се продолжува инвестицискиот циклус, како и дека се очекува годинава да се заврши со рекорден број странски инвестиции.

“Исто така ќе бидат објавувани и други инвестиции во периодот што следува. Знаете дека очекуваме оваа година до крајот да ја завршиме со рекорден број странски инвестиции, во вредност од повеќе од 1 милијарда евра, со што ќе бидеме најдобри на Балканот, по глава на жител . И се враќаме повторно, но сигурно, на мапата на инвеститорите, иако досега би рекол дека 7 години бевме заборавени.

Уште еднаш ќе го повторам ставот на оваа влада, дека оваа влада има за цел да го подобри стандардот на граѓаните, да отвори нови работни места, а со тоа да ги задржиме младите тука , кај нас во Македонија, да не ни се случува иселување како што беше пракса во минатото“, порача Мицкоски од ТИРЗ Кичево.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ