Албанското обвинителство до властите во Македонија побарало податоци за Џенгиз Мусљиу, кој беше уапсен вчера на меѓународниот аеродром во Тирана, објави Топ чанел.
Според истиот извор, Муслиу бил осуден во Македонија за насилство и му била изречена казна затвор во траење од 11 години.
Пред судијата Мусљиу рекол дека има белгиско државјанство и побарал политички азил во Белгија, затоа што бил во опасност.
„Знаев дека се води кривична постапка против мене, но не знам за што. Мене, во тоа време ме малтретираше полицијата“, рекол Мусљиу пред судијата, а пренесува Топ чанел.
Телевизијата наедува дека обвинителството немало никакви детали за што бил осуден Мусљиу од Основниот суд Куманово во 2016 година. При контрола на аеродромот, при влез во Албанија, се покажало дека е баран со меѓународна потерница.
Мусљиу не дал други детали за случајот и во меѓувреме, додека македонските власти не испратат податоци, тој ќе биде задржан во екстрадициски притвор.
Во прегледот на барани лица со меѓународна потерница на македонското Министерство за внатрешни работи пишува дека Џенгиз Мусљиу е роден 11 јануари 1990 година во Куманово, каде и живее. Се бара со наредба издадена од Основен суд Куманово за издржување на казна затвор во траење од 11 години и уште една наредба од истиот суд за издржување на казна затвор во траење од четири години.