„Македонскиот весник ‘Илинден’ досега има отпечатено 60 изданија. Изминативе 14 години весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот“, вели за МИА, главниот и одговорен уредник Никола Ѓурѓај.
Додава дека во изминатите години весникот дал голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Албанија и дека континуирано работи на заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија.
„Покрај печатената верзија, весникот, почнувајќи од март 2017 година може да се следи и преку своето интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com. На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност за сите Македонци во Република Албанија, регионот и цел свет. Истата година, од септември весникот е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print). Од август 2022 година е член на платформата Алијанса за етнички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија“, посочува Ѓурѓај.
Сите броеви на весникот се достапни и во Националната библиотека во Тирана, Библитеката на Собранието на Република Албанија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје, Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп, на Македонската академија на науките и уметностите, Библиотеката „Григор Прличев – Охрид” и Државниот архив на Македонија.
„Мисијата на нашиот весник и понатаму останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците ширум светот“, вели Ѓурѓај.