сабота, 27 јули 2024
Денеска се одбележува Меѓународниот ден на учителот

Во Тетово е промовиран Прирачник за примена на техники во наставата по македонски јазик

Промоција на Прирачник со практикум за примена на наставни техники во наставата по македонски јазик на одделенскиот наставник-ментор Соња Трифуновска се одржа денес во основното училиште (ОУ) „Гоце Делчев“ во Тетово по повод Меѓународниот ден на учителот.

Објавено на

часот

Сподели

За Прирачникот, но и досегашната работа во образованието на авторката Соња Трифуновска, на промоцијата говореше Олгица Наумовска, советник во Бирото за развој на образованието. Таа пред присутните порача дека токму во текот на Неделата посветена на детето и Меѓународниот ден на учителот се случува оваа промоција кога една благородна професија, како што е учителствувањето од младата личност треба да изгради човек, да го описмени, да го оспособи да живее во едно нов време кое нуди голем број на предизвици.

„Авторката внесе кај мене, мотивација, желба за работа, љубопитност, желба да се истражува и да се учи. Таа со звањето наставник-ментор, работи и со новите наставници и го пренесува искуството. Во прирачникот, има техники како бура на идеи, ѕвезда на приказната, призма. Некој може ќе каже не се овие нови техники но истите тие да ги обработиш да ги ставиш во еден реален наставен контекст не е така лесна работа“, истакна на промоцијата Олгица Наумовска.

Во Прирачникот се запишани 26 јазични техники и шест игровни активности за настава по македонски јазик. Дел од нив се ново осмислени од авторката Трифуновска, а дел се адаптирани. Авторката посочи дека некои од техниките даваат поттик во наставата и учењето, дел се напишани како пристап до проблемот, има и такви преку кои учениците го согледуваат својот процес на учење.

„Успешниот пат на еден наставник започнува со желбата што се раѓа да ги воспитува и образува децата. Таа желба е постојана водилка во професионалниот развој. Таа мотивира да ги продлабочуваш знаењата, да истражуваш како да ја подобриш наставата. Како да ја направиш училницата што поубаво место за живеење. Како учениците да станат жедни за знаење и да постигнуваат повисоки резултати. Токму и оваа желба го создаде прирачникот“, истакна Соња Трифуновска.

Авторката Трифуновска, претходно ги има издадено и образовните публикации „Петар учи за здрава храна“ и „Наде и Нено учат за животните“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ