сабота, 27 јули 2024

Во судовите има 230 празни места за судии, но нема доволно конкурси ниту кандидати за судии

Објавено на

часот

Сподели

Според анализата направена врз база на извештаите на дописниците на МИА, судиите се оптоварени со работа и често материјалите ги носат дома за работа. Судскиот совет неодамна распишал конкурс за вработување на 30 судии, но таа бројка не е ниту приближна до потребите, велат судиите. Но дополнителен проблем е што на огласот се јавиле само 13 кандидати.

Судскиот совет оценува дека интересот на кандидатите е насочен кон големите судови во земјава. Очекувањата се бројот на судии уште повеќе да се намали со оглед на тоа што во најава е заминување на поголем број судии во пензија.

Според претседателот на Основниот суд во Струга Ифет Бајрамоски,во последните 12 години пензионирани се 10 судии, а не е избран ниту еден. Според него, пред 15 години требало да се изготви анализа на сторосната структура на судиите за да се предвидат потребите.

Доколку не се изберат нови судии струшкиот суд од идната 2024 година ќе остане само со еден судија. Проблемот е, вели судијата, што во Академијата за судии и јавни обвинители моментално има тројца слушатели од ова подрчаје, кои во најдобар случај ќе можат да конкурураат во 2025 година 

Судскиот совет потврди дека и за Основниот суд Струга е објавен оглас за избор на четири судии од редот на Академијата за судии и јавни обвинители, но дека немало пријавено кандидати.

Една од причините за недостиг на судии во повеќето судови во државата, според Судскиот совет, е измената на Законот за работни односи, кој предвидуваше судиите да можат по своја желба подоцна да заминат во пензија.

„Поради тоа на голем дел од судиите им беа одбиени како неосновани барањата-изјавите за продолжување на мандатот и за истите се донесени решенија за престанок на судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија“, истакна Судскиот совет.

И самиот претседател на струшкиот суд наскоро треба да замине во пензија.

Слична е состојбата и со останатите судови низ државата. Штипскиот основен суд работи со преполовен капацитет, како со судии, така и со судски службеници. Од предвидените 19 судии, вработени се 13, од кои на еден судија функцијата му е во мирување. Тој во моментот е претседател на Судскиот совет.

Претседателот на Основниот суд во Штип, ја нагласи потребата за пополнување на испразнетите судиски места, но и за судски службеници.

„Согласно систематизацијата во Основен суд-Штип предвидени се 120 работни места, од кои моментално се пополнети седумдесеттина, со што може да се каже дека нашиот суд работи со половина капацитет. Имајќи го предвид ова, како и големиот број на предмети, коишто во текот на годината ги добиваме во нашиот суд, можам навистина да кажам дека и судиите и судската служба дава огромни напори за совладување на овие пристигнати предмети и покрај тоа што работиме со намален број на судии и на судски службеници. Сепак ние успеавме минатата година да примиме поголем број предмети, но и да решиме предмети од претходната година. Имено, примени се некаде околу 23.500 предмети, а решени се над 23.000, што навистина е бројка за почит. Сепак се надеваме дека во догледно време ќе се реши овој проблем со бројот и на судиски службеници и судии, со што работата на судот би била далеку поефикасна и поуспешна“, изјави претседателот Андонов.

Според него, би било пожелно при апликацијата за Академија да има веќе определена квота на број на судиски и обвинителски места по апелациони подрачја.

Согласно систематизацијата на работните места и Основен суд Кавадарци работи со половина капацитет. Според претседателот Лазар Нанев, од предвидените десет судии, во моментот судиската функција ја извршуваат петмина. Додека еден судија бил подолго време на боледување. Тој посочи дека од Судскиот совет барале да се изврши делегирање на судии кои ќе можат да постапуваат, од другите судови.

За нормално функционирање на Основниот суд во Прилеп, каде некогаш имало 27 судии, потребни се барем 18, но таму во моментот има само шест, од кои еден е претседател и едне позајмен од ресенскиот суд.

Претседателот на судот Зоран Стеваноски, кој деновиве треба да замине во пензија информира дека на делегираниот судија од Ресен мандатот му е до крајот на годината, што дополнително ќе ја влоши состојбата.

„Недостигот од судии доведува до неажурност на Судот и опаѓање на квалитетот. Што е најбитно, предметите ќе застаруваат“, изјави Стеваноски.

Според него, состојбата е алармантна веќе две години. Шестмината судии не можат да стигнат да ги разгледаат, а камоли да отварат рочишта за предметите.

„Се очекуваат еден до двајца судии со завршена Академија, но тоа е работа на Судскиот совет. А за конкретно кога, нема никаква најава“, вели Стеваноски.

Од предвидените 35 судиски места во основниот суд Куманово, во моментот има 20 заедно со в.д. претседателот, кој не постапува по предмети. Еден судија е избран за претседател на Основен суд Кратово, а еден е член на Судскиот совет, односно судот во моментот работи со 18 судии, од кои еден е в.д. претседател.

Според Основниот суд Куманово, за нормално да функционира и ефикасно и ажурно да постапува ќе може доколку има на располагање најмалку 25 судии.

„И покрај тоа што судот работи со намален број судии и зголемен обем на работа, пет години по ред е оценет како ажурен суд“, соопштија официјално од овој суд.

Основниот суд во Тетово работи со 11 судии помалку, во Кочани недостигаат четворица, а во Виница двајца судии

Со специфични кадровски проблеми се соочуваат и основните судови во Кочани и Виница, со оглед што немаат доволно судии, а обемот на работа не им е намален.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ