Кумановци, пред сè млади се собраа вечерва на градскиот плоштад да им оддадат почит на загинатите во пожарот во Кочани. Граѓаните запалија свеќи пред фотографиите на починатите. Дел од младите носеа транспарентни со кои направија обиколка на главните градски улици, булеварот „Трета МУБ“, улиците „Гоце Делчев“ и „Илинденска“, извикувајќи „Правда за Кочани“, „Доста е корупција“, „Правда за Македонија“
Во Паркот на Револуцијата во Кочани вечерва се одржаа два собира на кои присуствуваа голем број граѓани и роднини на настраданите во трагичниот пожар. Првиот собир, под мотото „Слобода за нашите херои“, се фокусираше на барањето за ослободување на притворените лица од обезбедувањето во дискотеката, кои учествувале во спасувањето на повредените. Вториот собир, предводен од митрополитот брегалнички Иларион, беше посветен на молитва за спокој на душите на загинатите и побрзо оздравување на повредените.
На собирот „Слобода за нашите херои“, беше побарано ослободување на притворените лица од обезбедувањето во дискотеката, кои учествувале во извлекувањето и спасувањето на повредените од огнената стихија.
„Сакаме да изразиме најдлабоко сочувство до семејството на сите починати и да им посакаме побрзо оздравување сите кои во моментов се наоѓаат клиниките кај нас и во светот. На овој собир сакаме да изразиме и почит кон оние луѓе кои помагаа да се спасат колку што може повеќе деца. Овде го вклучуваме и возачот Иле во Итната медициснка помош, кој се борел да ги превезе и да ги спаси децата, а подоцна легнал да спие и не се разбудил. Исто така, им благодариме на сите други, меѓу кои се и нашите сопрузи и браќа, дел од нив веќе не се меѓу нас, кои помагале во спасувањето. Ние ги нарековме наши херои затоа што да не беа тие ќе имаше уште многу загинати“, истакна Наталија Ѓоргиева, учесничка на собирот.
Собири се одржаа и во Струмица, Крива Паланка, Гевгелија и Битола.
Битолчани со свеќа и цвеќе оддадоа почит на загинатите лица во Кочани и изразија протест против институциите што не успеаја да спречат трагедијата.
„Македонија тагува, трагедија која нема да се заборави, но не смееме да дозволиме да се повтори. Деца умираат, луѓе страдаат и бараат лек, а болниците не се подготвени за вакви масовни несреќи. Здравството е ужасно, а возилата за итна медицинска помош се бројат на прсти. Институциите дозволија живи да горат деца, да гори младината иднината на државата. Сите си заминуваат, а ние што останавме тука умираме еден по еден бидејќи државата нѐ заборави. Ние ќе се бориме за правда“, изјави Леонардо Соколов, член на организацискиот тим на собирот во Битола.