Веста за оваа трагедија ја потврдија од приватната здравствена установа (ПЗУ) Плодност од Битола каде што тројцата настрадани работеа.
„Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој денес загина во сообраќајна несреќа. Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги. Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на болницата Плодност.
Прим. д-р Александар Ристески беше член, а воедно и чартер претседател на Ротари клубот во Прилеп. И оттаму денеска ја потврдија веста за смртта на нивниот претседател.
„Со жал и неверување ја примивме веста за ненадејната смрт на нашиот чартер претседател д-р Александар Ристески.Изгубивме голем другар и врвен професионалец. Ќе недостасува неговото физичко присуство, неговото стручно знаење и родителски совети“, се наведува во објавата на официјалната фејсбук страница на Ротари клубот од Прилеп.
Во јули годинава чартер претседателот д-р Ристески се стекнал со Пол Харис значката, што во ротаријанството претставува големо признание за за посветената работа и одржувањето на ротаријанските принципи и вредности.
Д-р Ристески беше и единствениот специјалист радиолог во приватната болница Плодност од Битола.
Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград, а магистрирал и докторирал на Универзитетот Св. Климент Охридски во Скопје. Пред да стане дел од тимот на приватната здравствена установа Плодност од Битола, д-р Ристески работел како доктор во Здравствениот центар Прилеп односно Општа болница Борка Талески од Прилеп
Д-р Никола Василески пак, дипломирал и специјализирал на Медицинскиот факултет во Скопје, а во приватната дравствена установа Плодност Битола работи од 2019 година како специјалист гинеколог акушер. Претходно тој работел во Центар за гинекологија и акушерство во Риека, Република Хрватска на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Во страотната сообраќајна несреќа загина и Фанче Јованоска рендген техничар во болницата.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп информираа дека е извршен увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судар на патничко возило тојота со прилепски регистарски ознаки и товарно возило волво со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат. Дежурниот јавен обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатите, сите патници во автомобилот, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините“, информираа од ОЈО Прилеп.
Претходно, СВР Битола соопшти дека утрово во 7:51 часот било пријавено дека на патот Прилеп – Битола кај клучката Лагово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило тојота со прилепски регистарски ознаки управувано од Н.В.(42) и сопатници А.Р и Ф.Ј., сите од Прилеп и товарно возило волво со скопски регистарски ознаки управувано од Г.Р.(51) од Битола .
„Во несреќата патничкото возило се запалило и на лице место починале тројцата патници во истото. Смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош Прилеп“, информираа од СВР Битола.
Во несреќата повреден е возачот на твоарното возило со кое се судриле тројцата настрадани.