четврток, 26 декември 2024

Во Собранието заврши претставувањето на кандидатите за членови во Советот на АВМУ

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата вечерва ја заврши 14. седница на која беа претставени кандидатите за новиот седумчлен состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).  Од 24 кои ги исполнуваат условите од Конкурсот, своите биографии и визиите за работата на регулаторното тело за медиуми пред пратениците ги претставија 22 кандидати, откако кандидатурите ги повлекле Миле Бошњаковски и Виктор Грозданов.

 

Објавено на

часот

Сподели

Пратеникот Ѓорѓија Сајковски на крајот од седницата рече дека верува оти седумтемина што ќе бидат избрани „ќе го дадат максуимумот“ за да се подобрат медиумските услуги, но и дека со нивниот ангажман во Советот на ААВМУ ќе се  овозможи и подостоинствена работа на новинарите.

„Верувам дека секој од нив би дал максимален придонес зашто на денешната јавна расправа слушнавме импресивни настапи и идеи за следниот период на АВМУ“, рече Сајковски.

Во попладневниот дел од претставувањето на кандидатите излагање имаше Гордана Мајнова која дипломирала на Економскиот факултет на УКИМ и завршила магистерски студии по комуникации. Рече дека има искуство од над 20 години во радиодифузија и здравствена економија и дека е од самиот почеток на Советот за радиодифузија, во секторот за економија, меѓународна соработка и односи со јавноста. Како што рече, се фокусира на медиумскиот пазар и изработувала финансиски извештаи на работење на оператори и медиуми.

Доколку биде избрана, како што нагласи, цврсто ќе се залага за  финансиска консолидација на радијата и телевизиите и релаксирање на одредбите за медиумска концентрација односно за либерализација, што ќе овозможи  влез на странски инвеститори во македонскиот медиумски простор.

Кандидатотот Виктор Павловски, машински инженер од УКИМ кој во последните 15 години работи на филмски и ТВ-проекти како продуцент или организатор на ТВ и филмска продукција, во своето претставување рече дека соработувал на македонски и странски филмски проекти и смета дека има искуство во емитување медиумски продукти и воопшто медиумска програма и добро ја познава технологијата на медиумите.

Како што рече, има план за нивниот креативен развој и дека е мотивиран да придонесе за создавање услови за поголема креативност и техничко-технолошки услови за работа на медиумите. Меѓу неговите планови се подигнување на професионалноста и етиката на македонски медиуми на ниво на европски стандарди, онлајн информативните портали да бидат во регистарот на медиуми, ќе се залага за  воведување систем за следење за гледаност на телевизиите по дигитален пат, а не аналогно и со пиплметри.

Кандидатот Владимир Ѓорѓиевски, дипломиран правник по европско право и право на ЕУ, во своето претставување рече дека во неговиот фокус на интерес е правото на интелектуална сопственост и авторското право.

Доколку биде избран, ќе се залага за измени на медиумска регулатива заради усогласеност со актите на Европската Унија, при што наведе дека има учествувано во работни групи за измени на домашната регулатива за усогласување со законодавство на ЕУ. Тој посочи дека ќе се залага за промовирање фер конкуренција, саморегулацијата, зајакнување на медиумската писменост, заштита на слободата на медиумите од политички, економски и други влијанија. Нагласи дека важна цел што треба да биде во надлежност на регулаторот е борбата со дигиталната пиратерија која, рече, „за жал зема се поголем замав во земјите на ЕУ и во нашата земја“.

Елена Стојковска, магистер електроинженер со 13 години работно искуство во електротехнички науки и информатички технологии и телекомуникации и работа во тој оддел во државни Електрани, во своето претставување истакна дека како млад информатичар може да придонесе кон работата на АВМУ  и главна цел ќе и биде и техничко-технолошкиот развој на ова регулаторно тело.

Ќе се залага, рече, за продуцирање македонски содржини и промовирање на домашни автори, за регулирање на онлајн-медиумите, пренесување на домашни продукти на други канали и   видеоплатформи. Особено  внимание и анализа, рече таа, ќе посвети на регулација на содржини што се креираат од вештачката интелигенција.

Кандидатката Зеријета Хајро Јајага е новинарка со речиси 30 години искуство во јавниот сервис работејќи на општествени теми.  Во моментов предава на отсек новинарство на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет.

Како член на Советот на АВМУ смета дека ќе придонесе за медиумскиот етер и за правата на вработените во медиумите, за слободата на говорот која, како што истакна,  „е најсвето место каде се допира демократијата“.

Јајага, која е и член на Комисијата за жалби во Советот за етика во медиумите на Македонија, порача дека „политиката треба да биде подалеку од оваа институција“, посочувајќи дека  критики за слободата на медиумите во државава има од  меѓународниот фактор и дека редовно се спомнува во извештаите на Европската комисија.

Кандидатката Цветанка Миновска рече дека е новинар 28 години „професионално, и по вокација“, најпрво во МРТВ и потоа, од нејзиното формирање, во државната новинска агенција МИА.

Како што рече, себеси се смета за хроничар на многу долго време, професионално следејќи разни настани и процеси во општеството, а одбраната и безбедноста биле во фокусот на нејзината новинарска кариера.

За неа е најважна слободата на медиумите и слободата на изразување на новинарите и затоа ќе се залага за безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници особено на тие што известуваат од терен и од  настани со висок ризик, а во нејзиниот фокус ќе биде и родовата еднаквост кај новинарите.

Кандидатот Стојанчо Наумов, магистер по комуникологија, кој во еден мандат беше член на АВМУ, во своето претставување истакна дека на Советот на ААВМУ му треба плурализам, како што рече, „попрофесионална граѓанска, образовна и стручна основа“. Тој укажа дека е важно присуството на помалите етнички заедници кои, рече, се маргинализирани и нивните јазици и медиуми „речиси и да не постојат во оваа држава“.

Во однос на јавниот сервис, смета дека треба „делумно да се ревидира“ укинувањето на радиодифузната  такса и финансирањето од буџетот „со воведување делумно финансирање од граѓаните“, со што, рече, тие ќе покажат одговорност, доверба и припадност кон јавниот сервис. Значаен дел од овие средства, предлага тој, да се користат за фонд за финансирање на истражувачко новинарство и информативна и документарна програма што ќе биде наменет за сите медиуми, а можеби и за независните продуценти.

Кандидатката Афрона Верзиволи дипломирала финансиски менаџмент на УКИМ и е на магистерски студии по монетарна економија. Има искуство во финансискиот сектор, работела во Министерството за финансии, во банки, како и во оддел за финансирање во една клиника.

Мотивот за пријавување на конкурсот, рече, е да придонесе за начинот на финансирање на медиумите, затоа што сака да ги промовира интересите на граѓаните кои, како што рече, „заслужуваат точна, навремена и кредибилна  информација“.

Има идеја да креира стратегија за финансиска стабилност со конкретни мерки – „намалување на јавни давачки, окрупнување на капитал – човечки и финаниски на медиумскиот пазар во Република Македонија и да се тргне политиката односно медиумите да не се финансираат само од политички и изборни кампањи и т.н. кампањи од јавен интерес“.

По нејзиното претставување со реакции се вклучија пратеници од двете крила на Алијанса за Албанците. Пратеничката Илире Даути од АА која е дел од коалицијата Европскиот фронт рече дека и посакува успех на Верзиволи, но напомена дека нејзината кандидатура има политичка заднина.

„По реакции од ЕУ за главен ревизор на ИПА, се плашам дека и од Фридом хаус ќе имаме друго вето, зашто вака не се оди со кандидати и номинации кои зависат од политиката. Барам разбирање од г-ѓа Верзиволи, но не може номинација на сопруга на политичар од огранокот на Таравари. И посакувам успешен пат, но овие работи треба да бидат одделени. Овој Совет не треба да биде политички“, рече Даути.

Реагираше Ријад Шаќири од АА во коалицијата Вреди, според кого, „ниско е да се зборува за фамилијарни работи“, затоа што, рече, „и Афрона треба да биде нечија сопруга и нечија мајка“.

Тој смета дека пратеничката од другото крило на Алијанса се обидела да ја попречи кандидатурата на Верзиволи на расправа на која, како што рече, не се одлучува и на која не се даваат заклучоци туку се слушаат биографиите на кандидатите.

Се вклучи и пратеникот Халил Снопче кому му се допаднала амбицијата и желбата на Верзиволи како финансиски експерт да помогне во финансирањето на медиумите.

Последниот кандидат за член во Советот на АВМУ кој се претстави пред пратениците беше Борис Арсов, доктор по комуникациски мрежи и системи и доктор по економски науки, како што рече посветен на електронските комуникации и развојот на електронски медиуми.

Се пријавил на конкурсот за да придонесе со своето научно-истражувачко искуство за технички развој на медиумите и електронските комуникации, што, рече, е многу важно при радио и телевизискиот пренос.

Тој смета дека јавниот сервис треба да ја подобри сопствената програмска продукција во соработка со надворешни копродукции, да создава  нови програми, играни серии од различни жанрови, едукативни и музички емисии кои би биле интересни за публиката и ќе ги следат светските трендови. Притоа, рече, да се промовираат принципите на вистинските вредности.

Арсов смета и дека треба да се намали износот на годишниот надомест за лиценца затоа што, во регионот, рече, радиодифузерите плаќаат и до десет пати помала вредност отколку што се плаќа кај нас.

Во претпладневниот дел новинарот Зоран Фидановски истакна дека реформите во медиумите се значајни и се обележани како значајна алка на менувањето на целокупниот амбиент во општеството. Посочи дека во претходните неколку години бил претставник на новинарите во Советот на Агенцијата и смета дека на вистински начин ги има претставувано.

„Почнувајќи со Деловникот за работа, во кои беа прифатени дел од моите сугестии за зголемување на транспарентноста во работата на Советот, преку забелешките и предлозите за десетици законски документи, како и предлози за правање на анализи за различни прашања. Со свои предлози и забелешки учествував во создавањето на годишните програми за работата на Агенцијата, како и на методолгиите за изборен мониторинг што беа подготвувани за претходните неколку изборни циклуси. Неизоставно секогаш кога имало потреба, јасно и гласно сум барал да се реагира на секаква манифестација на говорот на омраза во етерот или на било кој друг вид на дискриминација и стигматизација на поединци и малцински групи“, рече Фидановски.

Тој посочи дека на негови предлози правени се и корекции на одредени студии за потребите на Агенцијата, а се однесуваат на суштински прашања од доменот на нејзината работа, како што е оправданоста за распишување на јавен конкурс за доделување на дозволи. Фидановски истакна дека во новинарството влегол во 1996 година, почнувајќи ја кариерата во Нова Македонија. Додаде дека неопходно е регулаторот да се фати со костецот со сите предизвици, коишто следуваат, а се поврзани со она што се нарекува вистинска реформа на медиумскиот систем, но и треба да креира амбиент за нормална работа на медиумите, што ќе им овозможи прогрес и фаќање на чекор со времето.

Кандидатот Арбен Саити, кој е магистер по информатички науки, истакна дека работел во неговата струка, како и во мисијата на Обединетите нации во Косово, бил вработен и во Министерството за одбрана, а од 2008 година е вработен во поранешниот Совет за радиодифузија, а сега ААВМУ. Посочи дека најтешкиот период за медиумите била дигиталната трансформација, а како што рече, целата таа трансформација била направена на успешен начин. Забележа дека говори пет јазика и никогаш не бил член на ниту една политичка партија.

„Доколку ме изберете како член на Советот на Агенцијата, би ги искажал моите визии. Членовите на Советот на Агенцијата носат политики по однос на медиумите, но тука не треба да ги испуштиме и технологиите. Мојата визија би се насочила врз четири столбови. Тие би биле новите технологии и нивниот инпакт врз медиумите, медиумската писменост, креативната индустрија и заштитата на авторски права, како и инклузивноста во медиумите“, вели Саити, додавајќи дека ќе се залага да се обучуваат новинарите како да ја користат вештачката интелегенција за добри намери и да се препознаат лажните вести и изворите од каде доаѓаат информациите.

Кандидатката Емилија Јаневска, која е дипломиран новинар и магистер по комуникација, има работен стаж од 28 години. Кариерата ја има започнато во МРТВ, а веќе 25 години работи во ААВМУ од кои 18 години е раководител на Секторот за програмски работи.

„Главна активност на Секторот е мониторинг на програмските сервиси на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како и почитувањето на обврските од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за медиуми, Изборниот законик, подзаконските акти донесени од страна на Агенцијата“, вели Јаневска.

Таа потенцираше дека одлична ја познава законската регулатива за медиуми, документите на Советот на Европа и на Европската комисија, односно на ЕУ, како и Правилата за медиумско претставување при изборните процеси и референдуми. Јаневска истакна дека ќе се залага за поголема медиумска писменост, како и за справување со дезинформациите. Смета дека членовите на Советот на ААВМУ треба одлично да ја познааваат медиумската регулатива, работата на медиумите и да се лица со силен интегритет, како и со високи морални и етички принципи, кои нема да прават компомиси со професионалноста во работата.

Кандидатот Давор Пашовски, кој е дипломиран правник и магистер по европски студии за интеграција, посочи дека 20 години работи во граѓанскиот и медиумскиот сектор, а како управител на НИД Форум плус и на новинската агенција Макфакс има стекнато искуство во медиумското организирање, развој на медиумските стратегии и управување со човечките ресурси. Смета дека неговото искуство во граѓанскиот и медиумскиот сектор ќе придонесе во понатамошниот развој на ААВМУ.

Кандидатот Даут Даути е новинар и смета дека е подобен кандидат на член на Советот на ААВМУ, бидејќи има 30-годишно искуство во медиумите. Тој е и меѓу првите албански новинари, кој има завршено Факултет за новинарство, а ги има поминато и сите позиции во медиумите во кои работел, а политичкиот магазин Глобус го има избрано меѓу 100-те највлијателни личности во земјава, а како личен придонес го смета и членувањето во Комисијата за верификација на фактитете од 2009 до 2017 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ