сабота, 27 јули 2024

Во Собранието заврши општиот претрес за измените на Законот за градење

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на расправата пратениците од опозицијата посочија дека измените на петте законски решенија се само параван за озаконување на корупцијата и криминалот преку злоупотреба на европското знаменце, а оние од владејачките партии, пак, дека се за побрзо и поевтино реализирање на автопатите на коридорите 8 и 10д.

Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека сите 17 амандмани кои ги поднеле за ова законско решение се со цел, како што рече, законот да не значи беззаконие.

„Вака како што сте го срочиле ова катастрофално законско решение со проширување на опфатот на објекти оставате широко поле за корупција. Која е веројатноста дека во иднина самата влада нема да дава титула „објект од стратешки интерес“ кога и како ќе и се посака“, рече Петкоска и праша како ова може да биде посебен закон за кој постојните одредби од законите нема да важат.

Во реплика Драгица Ѓавочанова од СДСМ кажа дека не може да се тврди дека се работи без проект и на памет и додаде дека веќе  е изработена физибилити студија од Градежниот факултет за автопатските решенија.

„Уште на денот на потпишувањето на договорот на сајтот на „Енка“ имаше вест во која стои дека проектот содржи седум нови клучки, значителна количина на објекти вдолж трасата. Проектот вклучува 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион кубни метри ископ, над 17 милиони кубни метри земјено полнење, 620 илјади кубни метри бетон, 2,2 милиони кубни метри подлога, 1,1 милион тони асфалт и 320 километри заштитна ограда“, рече Ѓавочанова.

Се ова, додаде, може да се најде на сајтот на „Енка“.

Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор порача дека не треба да се брза со донесување на вакви закони, а како што рече, со носење на вакви законски измени со европско знаменце и дебата ограничена на само два дена се прави токму спротивното.

Нејзиниот сопартиец Бране Петрушевски истакна дека измените на петте законски решенија се доказ дека автопатите не може да се изведат согласно законите кои се на сила во земјава. За тоа, како што кажа, ќе одговара министерот за транспорт и врски, бидејќи потпишал договор што треба да се реализира после измена на законите. Без фрлена лопата на изведувачот, како што кажа, ќе му се исплатат вкупно 300 милиони евра како ставка за подготвителни работи на терен од кои 117 милиони се веќе исплатени.

„Овој проект нема да се реализира, туку е само подготовка на ДУИ за избори и ќе остане само поставената табла. Тоа го направија и со фабриката за електрични возила во Тетово пред локалните избори за која остана само поставената табла и воопшто не се гради, но тетовци ги казнија. Се надевам дека тоа ќе се направи и на парламентарните избори“, рече Петрушевски.

Да имало проект за автопатите, рече, ќе се градеше според македонските закони, а 10 реченици на веб-страница на „Енка“ не се проект.

Борислав Крмов од Левица праша како порано кога се градеше по повисоки стандарди – ЈУС не ни требаше изменување на стандардите за реализација на проекти и додаде дека со измените на законските решенија фактички нема да има никакви стандарди и само ќе се зголеми урбанистичкиот хаос.

„Со овие законски измени СДСМ фактички го укинува урбанизмот“, рече Крмов.

Парламентот ќе ја продолжи 115 седница утре. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ