За пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10д од денеска ќе се расправа на пленарна седница во Собранието, откако актите по скратена постапка ги поминаа комисиските филтри. За денеска напладне е закажана 115 собраниска седница за петте законски измени за работни односи, за градење, за експропријација, како и за самиот специјален закон за „Бехтел и Енка“ преку кој треба операторот кој ќе ги гради четирите автопати да се ослободи од оданочување.
Предлог законите за измени на Законот за работни односи и на Законот за урбанистичко планирање поминаа на Комисијата за европски прашања, а денеска треба да биде разгледан и Предлог законот за измени на Законот за градење.
Пакетот закони се разгледуваа по собраниските комисии по скратена постапка, со назнака „европско знаменце“, што овозможува побрзо да бидат донесени.
За опозицијата со овие закони се озаконува криминалот и злоупотреба на европското знаменце. За власта причината за оваа забрзана постапка е заштедата на време и пари за изградбата.
Со измените на Законот за работни односи се овозможува прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за активности од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. Поради природата на работите, како што е посочено, дозволено ќе биде активностите да може да се спроведуваат и во недела. Секој прекувремен час ќе биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор, со претходна изјава за согласност од работникот.