вторник, 16 април 2024

Во Скопје се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи за никогаш да не се повтори

Со положување цвеќе пред споменикот на 7.144-те депортирани македонски Евреи во дворот на поранешниот скопски Монопол денеска во Скопје денеска се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи во нацистичкиот логор Треблинка. 81 година од депортирањето на македонските Евреи вчера беше одбележано и во Штип и во Битола.

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу оние кои положија цвеќе, се и претседателот на државата, Стево Пендаровски, техничкиот премиер Талат Џафери, пратеници, амбасадори.

„Денеска им оддаваме почит на 7.144 Евреи од Македонија. На Марија, Пепо, Жоли, Бесале, Дора, Давид, Руфел, Јаков, Боена, Мари, Ештер и многу други Евреи од Македонија, кои загинаа трагично во логорот на смртта, Треблинка. Седум илјади сто четириесет и четири Евреи од Штип, Битола и Скопје никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови“, рече претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви во својот говор.

Техничкиот премиер Џафери порача дека не се тука да отворат рани од болното минато, туку да испратат порака нешто слично да не се случи никогаш повеќе. Тој, меѓу другото, рече оти се придружуваат на велењето ,,не” за каква било форма на нетолеранција, антисемитизам, фашизам, агресија преку исклучување и говор на омраза.

Пред присутните обраќање имаше и амбасадорката на Израел, Симона Франкел која истакна дека комеморацијата на депортацијата на еврејската заедница во државава во нацистичките логори годинава за Израел има ново и болно значење и кажа оти не сака да го споредува ,,холокаустот со масакрот од 7 октомври“.

„Првиот е најголемата можна трагедија која се случила во современата еврејска историја, вториот е најлошиот ден за Израел од формирањето на нашата држава. Не можеме да го игнорираме фактот дека, доколку постоеше државата Израел, холокаустот можеби немаше да се случи. Од 11 март 1943 година изминаа 81 година, кога еврејските заедници од Скопје, Битола и Штип беа однесени до зградата на Монополот и затворени во провизорни транзитни логори како резултат на добро планирана операција“, рече Франкел.

Јас, додаде таа, овде ја претставувам не само демократската независна држава Израел, што е дом на еврејскиот народ, туку сум исто така и во име на наследниците на еврејската заедница која денес живее во Израел, а особено на 7.144-те мажи, жени и деца, поточно цели семејства кои, трагично, не доживеаја да го видат формирањето на нашата држава.

„Таа вечер на 11 март 1943 година беа качени на возови од страна на нацистичкиот окупаторски режим и испратени во логорот за истребување, Треблинка, каде сите беа убиени во гасните комори“, посочи Франкел.

81 година од депортирањето на македонските Евреи вчера беше одбележано и во Штип и во Битола.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ