Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање на напредна хируршка техника во делот на имплантологијата.
Токму поради важноста на едукативната компонента која ќе ја има овој конгрес, организаторите Schuetz Dental GmbH од Германија, Велидент Трејд и IMPLA Study Club од Македонија ќе отстапат едно место за стоматолог специјализант кој ќе се пријави на отворениот повик најдоцна до 10 април.
Пријавувањето е едноставно со испраќање на име и презиме, а извлекувањето ќе биде по случаен избор. Конгресот ќе се одржи во хотел Хилтон.
„За првпат учесниците на конгресот ќе добијат CME европски кредит поени и меѓународно акредитиран сертификат. Претендираме Македонија да биде во тек со глобалните случувања во сферата на имплантологијата и да остане на мапата како релевантна имплантолошка дестинација”, вели организаторот Татјана Велиновска Димовска.
Дигитализација во стоматологијата, нови трендови во имплантологијата и примена на комплексни хируршки техники се само дел од темите кои ќе ги покрие овој конгрес. Како предавачи се јавуваат професори имплантолози од Германија, Италија, Романија, Египет, Јордан и САД, а до нив рамо до рамо се и нашите орални и максилофацијални хирурзи: д-р. Митко Франгов, д-р. Златко Вршковски, д-р. Недим Касами, д-р. Петар Вршковски како и д-р. Диана Бојковска која ќе биде директно инволвирана во презентирањето на напредната хируршка техника заедно со проф. д-р Мазен Тамими од САД.