сабота, 27 јули 2024

Во руски регион избувнаа судири поради затворањето активист за права (ВИДЕО)

Активист за човекови права во руската република Башкортостан е осуден на четири години затворска колонија, откако судот го прогласи за виновен за поттикнување етничка омраза. Поради ова дојде до судири меѓу неговите приврзаници и полицијата, пишува Ројтерс.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Независните новински куќи на руски јазик објавија дека полицијата употребила солзавец и апсела откако избила тепачка со голема толпа луѓе што се собрале за поддршка на активистот Фаил Алсинов. Сѐ уште не се знае колку лица се приведени.

Алсинов е обвинет за навредување на работниците мигранти во говор што го одржал минатиот април на протестот против плановите за ископување злато во Башкортостан, лоциран во јужниот дел на Русија, во близина на границата меѓу Европа и Азија.

Неговите поддржувачи тврдат дека случајот против него е одложена одмазда за неговата улога во протестите пред неколку години, во кои активисти успешно ги блокираа плановите за ископување на рид што локалното население го смета за свет.

„Голема благодарност до сите што дојдоа да ме поддржат. Ова никогаш нема да го заборавам. Не признавам вина. Отсекогаш сум се борел за правда, за мојот народ, за мојата република“, му рече Алсинов на новинарот од онлајн-медиумот Русњуз по пресудата.

На видеата објавени на социјалните мрежи се гледаат стотици луѓе собрани во близина на судот во градот Бајмак, 1.380 километри источно од Москва. Некои извештаи велат дека имало неколку илјади. На социјалните мрежи се појавија снимки од конфликтот на кои се гледа како демонстрантите ги гаѓаат полицајците со снежни топки.

Големите протести во Русија се исклучително ретки поради ризикот од апсење на собири што властите ги сметаат за незаконски, вели Ројтерс. Илјадници луѓе беа приведени во последните две години поради противење на војната во Украина.

Башкортостан, претежно муслиманска република со 4,1 милиони жители, е еден од повеќе од 80-те ентитети што ја сочинуваат Руската Федерација. Алсинов беше лидер на Башкоорт, локално движење за зачувување на културата, јазикот и етничкиот идентитет на луѓето во регионот, кое беше забрането како екстремистичка организација во 2020 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ