среда, 23 октомври 2024

Во Русија уапсен режисерот и писател Андреј Некрасов при снимање филм

Германскиот режисер со руско потекло Андреј Некрасов во август бил приведен во Смоленската област во Русија за време на снимањето на новиот филм и моментално се наоѓа во притвор за странски државјани, објави Дојче веле.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Претставникот на германската амбасада во Руската Федерација веќе стапил во контакт со него, потврдиле за ДВ од германското Министерство за надворешни работи.

Некрасов во Русија снимал филм како дел од истражувачки проект за Русија, кога, како што изјавил, бил приведен од службеници на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кои тврделе дека тој снимал во близина на зградата на ФСБ.

Потоа, судот го прогласи Некрасов за виновен за прекршување на административниот член за „незаконска професионална дејност“.

Режисерот добил притвор до 90 дена во центар за странци, а судот не го зел предвид фактот што Некрасов, како што тврди, не ја знаел локацијата на зградата на ФСБ во близина на местото на снимање и не планирал да ја снима.

Тој може да биде обвинет според Кодексот за административни прекршоци за незаконско вршење работни активности во Русија, што предвидува парична казна и присилна депортација од земјата.

Андреј Некрасов е роден во 1958 година во Санкт Петербург. Во 1970-тите се оженил со Германка и емигрирал во Германија, каде што му бил асистент на режисерот Андреј Тарковски на снимањето на филмот „Жртва“.

Во Европа и во Русија сними неколку играни и документарни филма, меѓу кои и „Немир. Случајот Литвиненко“ за труењето на поранешниот офицер на ФСБ во Лондон, кој ги обвини руските разузнавачки служби за организирање бомбашки напади врз станбени згради во Русија во 1999 година и за други терористички напади.

Некрасов снимаше и филмови за војната во Чеченија и за руско-грузиската војна. Тој е лауреат на меѓународни кинематографски и книжевни награди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ