Во понеделник, 12 август, од 10 часот е закажано полагањето на првиот, задолжителен екстерен испит по мајчин јазик и литература, а в среда ќе се полага вториот, изборен екстерен испит за кој кандидатите избираат еден од седум понудени предмети.
Според податоците на Државниот испитен центар, за августовската сесија има 2.624 пријавени кандидати од кои 1.626 се ученици кои следат настава на македонски јазик, 932 се ученици од настава на албански јазик и 66 од турски наставен јазик.
Првиот екстерен испит ќе го полагаат 779 ученици, од нив 519 се пријавени за македонски јазик и литература, 231 за албански јазик и литература и 29 за турски јазик и литература.
За полагањето на вториот екстерен испит, најмногу се пријавени за тестот по Англиски јазик (1.777), а нема пријавени за тестовите по Руски јазик и Филозофија. За математика има 59 пријави, четири за Француски јазик, три за Естетика и двајца кандидати за испитот по Германски јазик.
Јунската испитна сесија од државната матура, за која беа пријавени над 14.800 матуранти, заврши со просечна оценка 3,25. Постигнатиот успех е послаб споредено со минатите три години (3,65 во 2023, 3,78 во 2022 и 3,61 во 2021 година) но, според Државниот испитен центар, тоа е објективна оценка што веродостојно го одразува знаењето на учениците бидејќи првпат оваа година беа заострени мерките.
Испитите се полагаа во спортски сали и во училишните холови заради поголема прегледност за тестаторите и набљудувачите при контролата над учениците со цел да се спречи препишување или користење електронски уреди.
На објавувањето на резултатите, министерката Весна Јаневска соопшти две новини од следната учебна година. Како што рече, ќе инсистира државната матура да се реализира во амфитеатрите и во други простории на јавните факултети каде што има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење комуникациски уреди за време на полагањето.
Втората новина односно мерка ќе се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура, од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.