сабота, 27 јули 2024

Во пензија оди контроверзната Викторија Нуланд, која во 2014 во Киев рече „Кој ја еб* ЕУ“

Во вторникот американскиот Стејт департмент на својата официјална веб-страница објави дека оставка поднесува третата по ранг функционерка и потсекретарка за политички прашања, Викторија Џ. Нуланд – личност што 30 години работеше за американските влади.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Политичката советничка на американскиот Стејт департмент и долгогодишна дипломатка Викторија Нуланд, позната по својата жестока поддршка за Украина и антируските ставови, во наредните недели ќе се пензионира, пишува Хил.

Државниот секретар Антони Блинкен ја објави веста и ја пофали Нуланд дека ја вратила „дипломатијата во центарот на нашата надворешна политика и го ревитализираше глобалното лидерство на Америка во клучен момент за нашата нација и светот“.

„Она што ја прави Викторија навистина исклучителна е жестоката страст што ја носи во борбата за она во што најмногу верува: слободата, демократијата, човековите права и трајната способност на Америка да ги инспирира и промовира тие вредности низ светот“, рече Блинкен.

Нуланд работеше во Стејт департментот повеќе од 30 години, работејќи под шест претседатели и 10 државни секретари на различни функции. Во раната кариера, Нуланд работеше со американската амбасада во Москва и помогна во отворањето на првата американска амбасада во Монголија.

Служеше и во Бирото за источноазиски и пацифички прашања на Стејт департментот и како дипломат во Гуангжу, Кина. Му беше советник за национална безбедност на потпретседателот Дик Чејни од 2003 до 2005 година, за време на мандатот на Џорџ Буш помладиот, а подоцна и амбасадор во НАТО.

За време на кризата во Украина во 2014 рече „Кој ја еб* ЕУ“

Од 2013 до 2017 година ѝ беше помошник државен секретар на Хилари Клинтон за европски и евроазиски прашања, во мандатот на Барак Обама, но со доаѓањето на Доналд Трамп таа ја загуби функцијата. Стана советник за политички прашања на Стејт департментот во 2021 година по доаѓањето на претседателот Џо Бајден.

Нуланд е позната по инцидентот во 2014 година, кога го привлече вниманието на светските медиуми по протечениот транскрипт на кој вели „Кој ја еб* ЕУ“ во телефонски разговор со тогашниот американски амбасадор во Украина, Џефри Пјат, кој беше објавен на Јутјуб, а транскриптот од разговорот беше објавен во целост од Би-би-си на 7 февруари 2014 година.

Воинствените ставови на Нуланд кон Русија и поддршката за Украина ја дефинираа нејзината подоцнежна кариера, кога одигра централна улога во конфликтот кога Москва го анектираше полуостровот Крим по соборувањето на прорускиот претседател Виктор Јанукович во Киев.

Викторија Нуланд е позната и како сопруга на „таткото“ на неоконзервативците (неоконси) – јастребите на американската политичка сцена во однос на надворешната политика на земјата – Роберт Каган, најголемиот поборник за американскиот либерален интервенционизам.

Сепак, за пошироката јавност, Викторија Нуланд дефинитивно е најпозната како еден од најголемите русофоби на американската политичка сцена воопшто, како и по грубиот и бескомпромисен дипломатски настап, без премногу тактичност и можност за дискусии со оние што секогаш не се согласуваат со американската политика, а камоли да ѝ се спротивстават.

Нејзината русофобна страст ја потврдува и написот објавен вчера од Њујорк тајмс, во кој, меѓу другото, се вели дека Викторија Нуланд е „одлучен поддржувач на острата политика кон Путиновата Русија“ и тоа што државниот секретар Антони Блинкен нејзината работа во Украина ја истакна и ја нарече „неопходна за да ѝ се спротивставиме на сеопфатната инвазија на Путин“ на таа земја.

Истиот медиум повторно нагласува дека таа „оставила свој белег како експертка за Русија, која долго време се залага за зајакнување на силниот отпор кон територијалните амбиции на Путин и надворешнополитичкото влијание“.

Како врвен функционер на Стејт департментот за Русија за време на администрацијата на Обама, таа неуспешно притискаше Украина да се вооружи со противтенковски ракети, а за време на администрацијата на Бајден беше меѓу најголемите застапници за испраќање повеќе и подобро американско оружје во Украина. Истовремено, „како вешт бирократски оператор, таа остроумно и отворено ги изнесуваше своите аргументи, што предизвикуваше мешавина од восхит и страв кај нејзините колеги“, вели медиумот. „Таа секогаш го кажува своето мислење“, нежно искоментира Блинкен, цитиран од Тајмс.

„Громомобран за скептиците“

Се наведува и дека во администрацијата на Бајден, Викторија Нуланд „стана громобран за скептиците кон американската поддршка за Украина“ и се цитираат зборовите на Илон Маск, коосновачот на Тесла, објавени на неговата социјална мрежа Икс во февруари оваа година: „Никој не ја турка оваа војна повеќе од Нуланд“.

Њујорк тајмс ја истакнува и среќата што е видлива во Москва по најавата за оставка на високата функционерка на Стејт департментот. Се наведува дека „во Москва ја карале како аватар на вашингтонскиот естаблишмент, кој се смета дека заговара за поткопување на Русија, па дури и за соборување на господинот Путин“. „Руските власти и медиумите постојано потсетуваат на начинот на кој г-ѓа Нулан, тогаш помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања, им делеше храна на демонстрантите на централниот плоштад во Киев на почетокот на 2014 година…“.

Во овој контекст, американскиот медиум го издвојува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој лани рече: „Пучот против владата се случи во Украина во 2014 година, откако потсекретарот Викторија Нуланд им подели колачиња на терористите“. (Нуланд потоа кажа дека понела сендвичи, а не колачиња.)

Рускиот медиум на англиски јазик РТ, кој е поддржан од Кремљ, заминувањето на Нуланд го третираше како главна вест, со црвен транспарент на својата почетна страница и наслов „НУЛАНД ДАВА ОСТАВКА“.

РТ ја цитираше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која го припишува заминувањето на Нуланд на „неуспехот на антирускиот курс на Бајденовата администрација“. Таа обвини дека „русофобијата, воведена од Викторија Нуланд како главен надворешнополитички концепт на Соединетите Држави, како камен ги влече демократите кон дното“.

Причината за оставката?

Американскиот медиум потсетува дека Викторија Нуланд поголем дел од минатата година помина како заменик-државен секретар по пензионирањето на Венди Шерман и дека ја сметале за „природен кандидат да ја замени г-ѓа Шерман со полно работно време“. „Но г. Блинкен за оваа функција го избра Курт Кембел, претходно највисок функционер на Советот за национална безбедност за Азија. Господинот Кембел беше потврден од Сенатот на 6 февруари“, пишува Њујорк тајмс.

Потоа се наведува дека Блинкен рекол дека сегашниот „потсекретар за управување, Џон Бас, ќе ги преземе должностите на г-ѓа Нуланд како вршител на должноста додека не се потврди замената“.

Оваа смена е изненадување за многумина. Нуланд пред само еден месец отиде во Киев, каде што разговараше со тамошната влада во екот на внатрешнополитичката криза поради неуспешната украинска летна контраофанзива и најавата за можно разрешување на сега поранешниот врховен командант на украинската армија Валериј Залужни, за чие останување на функцијата, наводно, Нуланд жестоко се залагала.

Од друга страна, Њујорк тајмс вели дека некои аналитичари го протолкувале изборот на гореспоменатиот Кембел „како знак дека претседателот Бајден и г. Блинкен сметаат дека управувањето со американските односи со Кина им е главен приоритет, и покрај начинот на кој руската инвазија на Украина уништи голем дел од надворешната политика на г. Бајден“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ