На средбата присуствуваа кинески претприемачи од Кинеската асоцијација на мали и средни претпријатија, Кинеската стопанска комора во Пекинг, Стопанската комора Џианваи, Асоцијацијата Џишанг во Пекинг и Федерацијата за туристички градови во Кина.
Конференцијата ја отвори Тао Кингхуа, претседателот на Хуаксиа-меѓународен институт за истражување на таленти и Сашко Насев, амбасадорот на Македонија во Кина. За време на настанот се свиреа македонски песни во изведба на Адам Матејек од САД, се рецитираше македонска поезија во изведба на Јасмина Блажевска, а се изведуваа кинески песни и танцови.
Ксу Леи, вршител на должноста во кинеската амбасада во Македонија, испрати видео за да ги изрази своите топли честитки до присутните. Тој истакна дека развојот на билатералните односи е важен, тој очекува двете земји да учат една од друга и да продолжат во натамошно зајакнување на соработката. Второто видео обраќање беше од Љупчо Папазов, градоначалникот на општина Кочани, кој сподели детали за неговата работна посета во Кина. Третото видео обраќање беше од Олга Лозановска, претседател на парламентарната група со Народна Република Кина, таа зборуваше за економијата, здравството, земјоделството и билатералната трговија помеѓу двете земји.
Рената Пенчова, лекторката на Универзитетот за странски студии во Пекинг, зборуваше за убавините и потенцијалот на туристичката индустрија во земјата и привлекувањето на кинески туристи во Македонија. Присутни на настанот беа и студентите од Катедрата за македонски јазик на Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Борјан Зафировски ја истакна важноста за зголемување на деловните и трговските можности со Кина.
Адит Растоги, претставник од Глобалната платформа за економија и иновации, зборуваше за важноста на платформата во промовирањето на културните размени и деловната соработка. Специјални гости на настанот беа амбасадорот на Црна Гора во Кина, Бранко Булатовиќ и амбасадорот на Албанија во Кина, Новруз Цета.
Настанот се заокружи со потпишување на декларација за добра волја помеѓу амбасадорот Сашко Насев и Адам Јуан Кианминг, претседателот на меѓународниот волонтерски сервис во Санлитун. Целта на декларацијата е изучување на македонскиот јазик и култура, а граѓанската инцијатива беше потпишана на македонски јазик. Конференцијата заврши со размена на пригодни подароци, уметнички дела од уметникот Иво Пецов, кои амбасадорот им ги подари на кинеските инвеститори.
За време на неформалниот дел гостите имаа можност да ја вкусат македонската храна и да научат повеќе за кинеската медицина.
Овој форум не само што ја промовираше културната размена и инвестициската соработка помеѓу двете земји, туку постави и цврста основа за идна соработка.
Следниот ден по завршувањето на конференцијата културната промоција продолжи и на фреквентната улица Санлитун, каде дневно поминуваат илјадници Кинези. Македонската заедница во Пекинг предводена од амбасадорот Сашко Насев и неговата сопруга Нада Насева, семејството Блажевски, лекторката Рената Пенчова, Мила Перчинкова го волонтираа своето време и ја промовираа македонската култура преку директна интеракција со кинеските жители преку споделување на промотивен материјал. За време на промоцијата се емитуваше и видеото од реализираната конференција. Кинезите се воодушевени и заинтересирани за истражување на македонските убавини.