Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), снабдувањето со електрична енергија во северозападниот регион е редовно и засега нема пријави за прекини, ниту за проблеми за доставување намирници.
Во Тетовско нема отсечени села. На територијата на Општина Крушево сообраќајот се одвива по влажни коловози со наместа остатоци од кашест снег. Екипите на „Македонија пат“ се на терен и работат на чистење на патиштата.
Кон некои планински села кај Прилеп отежнато се одвива сообраќајот и проодни се само со теренско возило. Магистралниот пат Крива Паланка – Деве Баир е прооден, но по влажни коловози. Регионалните патишта во Крива Паланка до село Огут се проодни по влажни коловози, локалните патишта во општината се проодни по влажни коловози, освен земјениот локален пат од село Дурачка Река кон Дренaк кој е непрооден поради висина на снег.
Локалниот пат од Огут кон село Нерав е прооден само со теренски возила и ќе се расчистува денеска. Во текот на денешниот ден Општина Крива Паланка ги чисти патни правци: с.Нерав, с.Дрење, с.Кркља, с.Станци и улиците во градот Крива Паланка. Магистралниот пат Куманово – Ранковце е прооден по влажни коловози, исто како и регионалниот Ранковце – село Герман. И локалните патишта во Ранковце се проодни по влажни коловози. Непрооден локален земјен пат има од местото викано „Компирара“ до село Б.С поради висината на снегот.
Во Кратово сите градски улици се опесочени и исчистени со остатоци на кашест снег. Локалниот пат Кратово – с.Сакулица с.Коњух и с. Сакулица – с.Татомир е исчистен и прооден за сите возила. Локалниот патен правец кон планинскиот дел Кратово – село Близанци, Луково, Куново, Мушково е прооден за теренски возила со зимска опрема (на овој дел имало снежна покривка околу 15 до 20 см). Патот од село Мушково до село Нежилово и Каврак е тешко прооден за теренски возила со зимска опрема. Висината на снежната покривка е околу 30 сантиметри и на некои места има поголеми локални навеви, соспи, од снег. Таму наредните денови се планира негово чистење.
Вчера е чистен локален пат од Арбанашко до Дејловце, но се уште е тешко прооден, освен за теренски возила со зимска опрема.
„Непрооден беше локалниот патен правец (земјен пат) крак кон Мариовското село Бешиште за што имаше поднесено барање од МПЦ – манастир во село Бешиште до ЕЛС Прилеп за чистење од „Баров Мост“ до Бешиште. За регионалниот пат од село Витолиште до Прилеп сме известени дека е завршено чистењето на снегот и останува кракот (земјен локален пат) до Бешиште. Во текот на денешниот ден градежни машини од локалните рудници ќе го исчистат и локалниот земјен пат до Бешиште“, велат од ЦУК.