Ова одделение ќе постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор со поголем број обвинети и обем на докази, предмети во кои се спроведуваат финансиски истраги, сложени предмети со поголем број кривични дела, обвинети или обем на докази и предмети од исклучителен интерес на јавноста.
Потребата од организациска промена во работата на Основното јавно обвинителство Скопје и формирањето на новото одделение се наметна поради забележаните состојби и приливот на предмети во текот на 2024 година, кои опфаќаат сериозни и сложени облици на криминал изразени преку неколку индикатори:
– Измените на Кривичниот законик, особено во однос на кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, предизвикаа промени во однос на стварната надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што голем дел од предметите во претходна постапка за член 353 став 5 од КЗ се доставуваат на стварна и месна надлежност на ОЈО Скопје.
– Земена е предвид измената на членот 98-а за проширена конфискација во истиот закон, што бара поинаква внатрешно – институционална поставеност и зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражна постапка, заради навремени финансиски истраги
– При тековното предметно работење и следење на состојбите по однос на криминалитетот, забележани се облици на сериозен и сложен криминалитет, првенствено поврзани со кривични дела против животот и телото, кривични дела против здравјето на луѓето, кривични дела против службената должност и кривични дела против јавните финансии на територијата под надлежност на ОЈО Скопје. Главна одлика кај овие кривични дела е голем број инволвирани лица и правни субјекти, сложеност на дејствата кои треба да се испитаат и утврдат и воедно да се детектираат во целина настапените штетни последици како законско обележје на кривичните дела. Имајќи предвид дека сторителите се почесто користат разни механизми за прикривање и на кривично – правните дејствија и на непосредната и посредната противправна имотна корист од казнивите поведенија, тоа ја усложнува истражувачката активност и бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на овие облици на криминал.
– Одделението со квалитативен и квантитативен капацитет за гонење на сериозен и сложен криминал треба да даде соодветен стимул и на правосудната полиција во нејзината откривачка функција, како и на сопствените истражителски капацитети во истражниот центар, преку ефективно насочување на дејствата и мерките во предистражна постапка.
Крајната цел на новоформираното одделение е адекватна кривично – правна заштита на граѓаните и ефикасен институционален одговор на сложените облици на кривични дела, соопшти ОЈО Скопје.