сабота, 27 јули 2024

Во Нова Каледонија трета ноќ немири, четири лица загинаа (ФОТО+ВИДЕО)

За време на трета ноќ немири во Нова Каледонија загинаа четири лица, соопшти денеска високиот комесар на таа француска прекуморска територија Луј Ле Фран. Францускиот висок комесар рече дека во трите островски општини жандармеријата се судрила со околу 5.000 бунтовници, од кои меѓу 3.000 и 4.000 биле во главниот град Нумеа.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Тој истакна дека се уапсени 200 лица, а повредени се 64 припадници на безбедносните сили, пренесува Ројтерс. Војската е распоредена во пристаништата и на аеродромот, а ТикТок е забранет, пренесува БФМТВ. Меѓу жртвите на немирите е и 22-годишен припадник на жандармеријата.

Во вторникот, во Нова Каледонија беше прогласена вонредна состојба, што им дава на властите дополнителни овластувања кога станува збор за забрана на собири на овој француски остров во Пацификот. Франција испрати и неколку стотици припадници на полицијата и жандармеријата, изјави портпаролот на француското Министерство за внатрешни работи, пренесува Ројтерс. Меѓу 500-те распоредени членови има специјална полиција за немири, додека училиштата на островот се затворени.

Нова Каледонија е потресена од бунт на сепаратистите кои се противат на долго најавуваната изборна реформа усвоена од францускиот парламент. Националното собрание вчера со 351 глас за и 153 против го усвои предлогот за уставен закон за проширување на гласачкото тело во Нова Каледонија.

Текстот на усвоениот предлог-закон предвидува право на глас на локалните избори за сите граѓани кои таму живеат повеќе од десет години. Ројтерс известува дека локалните водачи стравуваат дека промената ќе му наштети на домородното население Канак.

Сегашното гласачко тело на Нова Каледонија се однесува на гласачите регистрирани во 1998 година, кога е склучен договорот со Нумеа, како и на нивните потомци, што де факто ги исклучува жителите кои емигрирале по таа година и голем број доселеници. Француската влада вели дека промената е потребна за да се направат изборите демократски, но претседателот Емануел Макрон понуди да води дијалог со сепаратистичките и профранцуските групи на островот.

Во вторникот, францускиот претседател Емануел Макрон ги покани претставниците на Нова Каледонија да ги продолжат разговорите со државните институции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ