сабота, 26 октомври 2024

Во Моклиште одбележани 80 години од колежот на 12 младинци од Ваташа

Објавено на

часот

Сподели

Во изјава за медиумите, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека после 80 години од овој грозоморен чин на убиството на 12 млади ваташки деца, денес болката е сè поприсутна и споменот е сè поприсутен.

„Наша должност е овој грозоморен чин што пред 80 години го извела тогашната бугарска фашистичка влада, никогаш повеќе да не се случи. Токму затоа имаме чест да бидеме тука, да дадеме признание на семејствата на 12 загинати младинци и да испратиме порака, оваа крвава страна од историјата што ја испишала тогашната фашистичка влада, никогаш повеќе не смее да се повтори“, нагласи министерката.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев за медиумите рече дека во чест на младинците, општината Кавадарци изготви 12 бисти. Денеска бистите беа свечено откриени, а се отвори и спомен соба во чест на децата кои биле стрелани.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите, рече дека денеска е посебен ден за Кавадарци и за Македонија и за жителите на Ваташа.

„На ѕверски начин овие 12 младинци се убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна и тоа е чин што треба сите да не обедини. Тоа е чин што не треба никогаш да го заборавиме“, рече Мицкоски.

Историски час одржа историчарот Мики Камчевски, а беше изведена и културно уметничка програма. Бројни делегации положија цвеќе во спомен на загинатите младинци.

Масакрот се случил на 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од селото ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Оперков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија.

Убиени биле Перо Видев, Ванчо Гурев, Данко Давков, Илија Димов, Ристо Ѓондев, Блаже Ицев, Пане Мешков, Герасим Матаков, Ферчо Попѓорѓиев, Васо Хаџијорданов, Диме Чекоров и Пане Џунов.

Најмладиот, Видев имал 15 години, а најстариот, Хаџијорданов имал 28 години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ