сабота, 19 октомври 2024

Во меч со пет голови Реал го победи Наполи, порази за Манчестер јунајтед и Арсенал (ВИДЕО)

Реал Мадрид со 3-2 победи на гостувањето кај Наполи, со истиот резултат Манчестер јунајтед на свој терен загуби од Галатасарај, Ленс со 2-1 го доби мечот со Арсенал, а Баерн Минхен со 2-1 триумфираше во Копенхаген.
 

Објавено на

часот

Сподели

Елиф Елмас од клупата ја почна мега пресметката меѓу Наполи и Реал Мадрид. Македонскиот репрезентативец влезе во 69. минута како прва замена за Наполитанците.

Наполи поведе со гол на Остигард во 19. минута, осум минути подоцна изедначи Винисиус, а во 34. минута Белингем погоди за комплетен пресврт и водство на Реал од 2-1.

По девет минути игра во вториот дел Зиелински погоди од пенал за 2-2. Тој резултат беше актуелен до 78. минута кога Валверде испука ракета од далечина, топката удри во пречката, па во главата на Мерет и заврши во неговата мрежа за победа на кралскиот клуб од 3-2.

Гостите со 3-2 победија и во Манчестер каде Јунајтед загуби од Галатасарај. Двата гола на Хојлунд не беа доволни за победа.

Хојлунд донесе водство за Јунајтед во 17. минута, а само шест минути подоцна Заха го изедначи резултатот на 1-1. Со тој резултат се отиде на полувремето.

Во 67. минута Хојлунд даде нов гол и донесе ново водство на Манчестер јунајтед, овојпат од 2-1, но ни тоа не траеше многу, само четири минути подоцна Актуркоглу изедначи на 2-2.

Во 78. минута Галатасарај доби пенал, а Касемиро втор жолт картон. Јунајтед остана со играч помалку, но Икарди го промаши пеналот. Сепак само три минути подоцна успеа да се искупи, да постигне гол и да донесе победа на својот тим од 3-2.

И вториот англиски клуб вечерва го загуби мечот иако водеше. Арсенал со гол на Габриел Жесус поведе во Ленс со 1-0. Домаќините изедначија преку Томасон во 25. минута, а во 69. минута Ваи погоди за комплетен пресврт и триумф на францускиот тим од 2-1.

Победа со пресврт обезбеди и Баерн Минхен на гостувањето во Копенхаген. Ларагер во 56. минута донесе водство за домаќините, а потоа следуваа погодоци на Мусиала и Тел за победа на Баварците.

Интер со гол на Турам во 62. минута ја победи Бенфика со 1-0.

Возбудливо второ полувреме се одигра во Ајндховен каде ПСВ и Севиља ремизираа 2-2. Гудељ во 68. минута донесе водство за Севиља од 1-0, Де Јонг од пенал изедначи на 1-1 во 86. минута, а во следниот напад Ен Несири го врати водството на шпанскиот тим. Но Тезе во 95. минута израмни на 2-2.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ