сабота, 4 јануари 2025

Во масакрот на Цетиње убиени 12 луѓе, кумови, пријатели и роднини на напаѓачот (ВИДЕО)

Убиени се и две деца, на 10 и 13 години, а напаѓачот се самоуби.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Масовниот убиец од Цетиње Ацо Мартиновиќ се самоубил откако убил најмалку дванаесет лица, соопшти полицијата. Мартиновиќ, кој бил во бегство, полицијата го лоцирала недалеку од неговата куќа во Цетиње.

„Откако полицијата го опколи и откако виде дека е во безизлезна ситуација, тој се застрела и почина при транспортот до клиничкиот центар“, изјави на прес-конференција шефот на полицијата Лазар Шќепановиќ.

Тој додаде дека напаѓачот убил најмалку дванаесет лица, но можно е да има и повеќе жртви. Четири лица се тешко ранети. Меѓу жртвите има две деца на возраст од 10 и 13 години и сите се најблиски пријатели, кумови и роднини на убиецот.

Мартиновиќ злосторството го почнал во угостителски објект Велестово во близина на Спортскиот центар. По инцидентот меѓу него и еден гостин, тој отишол дома да земе пиштол, се вратил во кафеаната и таму убил четири лица. Потоа на пет засега познати локации убивал членови на своето семејство и две деца на возраст од 10 и 13 години.

Мартиновиќ, рече тој, од Цетиње си пукал во главата и починал од повредите на пат кон Клиничкиот центар на Црна Гора.

Шќепановиќ потврди дека Мартиновиќ бил најден во населбата Хумци во Цетиње.

„Полицијата го опколи и направи обрач. Тој беше во безизлезна ситуација, опколен од сите страни. Откако му беше наредено да го положи оружјето, тој си пукаше во главата. Откако се здобил со повреди, беше направен обид за транспорт до Клиничкиот центар, но им подлегна на повредите“, рече Шќепановиќ.

Тој му се заблагодари на поширокото семејство на Мартиновиќ, кое, како што наведе, ѝ помогнало на полицијата во пронаоѓањето на осомничениот и се солидаризирале со нивните напори.

„Тие рекоа дека имал одредени девијации во однесувањето и комуникацијата. Сите загинати лица биле негови кумови, пријатели и познаници, со кои поминувал поголем дел од времето. Мотивот за овој чин сѐ уште не е познат“, рече Шќепановиќ.

И обвинителката Андријана Настиќ потврди дека во Цетиње биле убиени 12 лица, додека осомничениот Ацо Мартиновиќ се самоубил. Биле истражувани шест локации, вклучително и пет локации каде што се извршени убиствата и локацијата каде што осомничениот се застрелал.

На две локации убил четири лица, на третата две деца, а на другите две по едно лице. Повредени се четири лица, кои се хоспитализирани во Клиничкиот центар.

Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ најави дека на седницата на Советот за национална безбедност ќе бидат разгледани сите опции, како и целосна забрана за поседување оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ