недела, 27 октомври 2024
Статистика на МЕД

Во Македонија се избројани 1.765 гнезда на штркови, популацијата е во пораст (ФОТО)

Во Македонија се евидентирани вкупно 1.765 гнезда на штркови, од кои 1.388 се активни, а 389 се неактивни гнезда, соопшти Македонското еколошко друштво – МЕД. Неактивни се оние гнезда во кои не се извеле млади, а биле гнезда за спиење на штрковите, или пак во нив имало само една возрасна птица.  Вкупниот број на изведени штркчиња изнесува 3,934, соопштија од друштвото.

Објавено на

часот

Сподели

Во информацијата се вели дека МЕД спроведе пребројување на штрковите на национално ниво и дека пописот се спроведе во рамки на осмиот Европски цензус на штркови кој што се прави на секои 10 години. Во Македонија првпат ваков попис се спроведе во 2014 година. Во истражувањето во Македонија беа вклучени над 15 членови и волонтери на МЕД.

„Штрковите најчесто ги населуваат рамничарските региони и најголем дел од гнездата се лоцирани во населените места. Како региони со најмногу гнезда на штркови се издвојуваат Пелагонија (541 гнездо) и Овче Поле (326 гнезда). Соодветно на бројот на гнезда, Пелагонија има најголем број на млади, вкупно 1,170, што претставува еден од најважните региони за штрковите во Македонија, следено од Овче Поле и Кочанско Плле со 707 млади птици, додека Долно Повардарие и Радовишко – Струмичка Котлина исто така имаат висока бројност на млади, со 367 и 545 соодветно. Трите села во најмногу гнезда од штркови се Стојаково – 53 гнезда, Богородица – 45 гнезда и Росоман со 41 гнездо.  Најголем број на гнезда се наоѓаат на бандери (околу 76% од сите гнезда), кровови на куќи (18%), силоси, кровови и оџаци на фабрики околу 5%, додека пак најмалку гнезда на штркови се лоцирани на дрва – помалку од 0,2%“, се вели во статистиката што ја направи МЕД.

Од еколошкото друштво наведуваат дека во споредба со 2015 година, Македонија бележи зголемување на популацијата на штркови, односно, бројот на активни гнезда од 837 пораснал на 1.388 гнезда, што претставува зголемување на популацијата на штркови во државата за 60% за период од 10 години.

„Од друга страна, годинава се извеле 49% повеќе млади споредено со 2014 (1.964).  Популацијата на белите штркови расте во цела Европа. Ваквиот пораст на бројноста на белите штркови се дилжи на успешноста на имплементираните мерки за заштита на штрковите, намалениот притисок од земјоделството, но и климатските промени играат важна улога бидејќи сега штрковите полесно наоѓаат храна во зимски услови, па така им се намалува и миграторниот пат. Овие резултати укажуваат на потребата за понатамошна заштита и мониторинг на штрковите во Македонија, како и за имплементација на стратегии за заштита на нивните живеалишта“, велат од МЕД и порачиуваат дека друштвото и понатаму ќе продолжи со следење на состојбата на штрковите и со информирање на јавноста за потребата од зачувување на нашата природна средина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ