сабота, 21 декември 2024
Рекорден број на предмети во КСЗД минатата година

Во Македонија или си дискриминиран или си сведок на дискриминација

Граѓаните до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во 2023 се обраќале заради заштита од дискриминација во областа на јавното информирање и медиуми, a потоа во работата и работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги. КСЗД во 2023 работела на вкупно 559 предмети за заштита од дискриминација од кои 523 биле отворени во 2023 и 76 предмети пренесени од претходната 2022 година, при што утврдила 21 случај на потежок вид дискриминација.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Ова се наведува во Извештајот на КСЗД за 2023, којшто денеска ќе биде разгледан на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието.

„Бројката од 523 нови предмети претставува апсолутен годишен рекорд во досегашното работење на комисијата и во неа се вбројуваат 520 претставки за заштита од дискриминација поднесени до Комисијата од страна на граѓани, граѓанските организации и други правни лица, како и три постапки по службена должност. Иако бројот на претставки е значително зголемен во однос на претходните години, тој вистински не ја одразува присутноста на дискриминацијата, што се потврди во истражувањето спроведено за Извештајот – Барометар за еднакви можности на КСЗД и МЦМС, што покажа дека секој трет испитаник изјавил дека бил жртва на дискриминација, а четири од десет испитаници биле сведоци на дискриминација“, стои во Извештајот.

КСЗД постапувала по секоја од поднесените претставки и поединечно и на одржаните 31 седница се донесени 521 одлуки, од кои 117 правни мислења, но и 344 заклучоци за отфрлање на претставката или непостапување, односно запирање на постапката – најчесто заради ненадлежност и неуредност на поднесоците.

Тоа укажува дека, иако се забележува зголемена видливост на Комисијата како адреса на која граѓаните бараат заштита на своите права, постои низок степен на запознаеност на граѓаните за надлежностите на КСЗД и задолжитечните елементи на претставките, се додава во документот.

„Оттука правилно била согледана потребата од едукација на граѓаните за непосредно претставување на КСЗД за што, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, продолжија отворените денови Препознај, пријави, спречи дискриминација, што се одржа во Скопје и други општини, како и обуки за запознавање со механизмите за спречување и заштита од дискриминација на локално ниво во повеќе општини, во рамки на проектот Видливи, здружени и гласни – акција за еднаквост и недискриминација преку учество и мултисекторска соработка спроведуван од страна на Комисијата, Коалицијата Маргини, Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Лаг Вардар леадер во рамки на програмата Цивика Мобилитас“, се додава во Ивештајот.

Од друга страна, се наведува натаму во документот, постапувајќи по поднесените претставки, Комисијата во 2023, донесе 59 мислења во кои утврди дискриминација и упати препораки за нивно отстранување, од кои во 21 од случаите беше утврдена дискриминација во потежок облик, односно како интерсекциска, продолжена, повеќекратна и повторена дискриминација.

„Во утврдените случаи, дискриминацијата била најмногу присутна во работата и работните односи, потоа јавното информирање и медиуми, а утврдена е и во областите – пристап до добра и услуги, потоа јавното информирање и медиумите, а утврдена е и во областите – пристап до добра и услуги, образование, спорт, правосудство и управа, членување и дејствување на здруженија на граѓани или други организации, засновани на членство, здравствено осигурување, домување, право на јавен собир, дејствување и работа на општински совет“, стои во документот.

Во случаите КСЗД констатирал повреда на правото на еднаквост врз 25 различни дискриминаторски основи, а најчеста утврдена основа за дисикриминација била лично својство и општествен статус по што следуваат основите сексуална ориентација, родов идентитет, националната или ертничката припадност, политичкото уверување, полот и припадноста на маргинализирана група.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ