сабота, 27 јули 2024

Во Либан избувна антисириско насилство по убиство на локален политичар

Привремениот министер за внатрешни работи на Либан рече дека овонеделното убиство на локален политичар од страна на, како што велат властите, банда сириски државјани ја сигнализира потребата да се ограничи бројот на бегалци кои влегуваат во земјата од соседна Сирија.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Басам Мавлави исто така ги повика Либанците да покажат воздржаност поради зголемените тензии околу убиството на Паскал Слајмен од христијанската националистичка партија Либански сили. Убиството на политичарот резултираше со антисириско насилство и ги влоши политичките тензии меѓу длабоко поделените Либанци.

Либански воени претставници изјавија дека Слајмен бил убиен во северен Либан за време на грабеж, но партијата Либански сили се сомнева дека имало политички мотиви. Малата медитеранска земја со над 6 милиони луѓе е домаќин на околу 785.000 регистрирани сириски бегалци, според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци.

„Гледаме се повеќе злосторства извршени од Сиријци“, рече Мавлави на прес-конференција по состанокот со безбедносни и воени претставници. Тој додаде дека околу 35 отсто од затворениците во либанските затвори се сириски државјани.

„Сириското присуство во Либан мора да биде ограничено, а ние им ја нагласивме на безбедносните сили потребата од строго спроведување на либанските закони за раселените Сиријци“, рече тој. Се појавија и снимки од гневни Либанци како тепаат Сиријци на улиците и уништуваат автомобили со сириски регистарски таблички во различни делови на земјата.

Слајмен исчезна во неделата, а неговото тело беше пронајдено следниот ден. Убиството исто така ги влоши политичките и секташките судири меѓу поделените политички групи во Либан. „Ги повикувам Либанците да бидат рационални и да не бидат вовлечени во реакции и инциденти кои ѝ штетат на безбедноста“, нагласи Мавлави, повторувајќи ја изјавата од кабинетот на премиерот Наџиб Микати.

Партијата Либански сили е најотворениот противник на исламската милитантна група Хезболах, што поттикна обвинувања дека Хезболах е вмешан во убиството на Слајмен. Противниците на Хезболах ги критикуваат тековните судири на милитантите со израелската армија, стравувајќи дека војната може да се прелее во Либан.

Неименувани судски службеници потврдија за Асошиетед прес дека во врска со убиството се уапсени една жена и двајца мажи, кои наводно признале дека работеле за банда чиј водач е во Сирија. Слајмен се спротивставил при кражбата на неговиот автомобил и напаѓачите го удриле неколку пати со задниот дел од пиштолот пред да го фрлат во багажникот каде најверојатно се задушил, објаснија официјални лица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ