сабота, 27 јули 2024
Истражување

Крушево со најмали можности за здравствена заштита

Во шест града на Македонија нема педијатри, а во три града нема ниту еден гинеколог. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за степенот на здравствена заштита на жителите во 30-те здравствени центри во земјава. Македонски Брод, Крушево и Валандово немаат гинеколог. Покрај Крушево, со многу мали можности за соодветна здравствена заштита се и жителите на Крива Паланка, Валандово, Македонски Брод и Кратово.

Објавено на

часот

Сподели

Во Крушево има најмалку лекари според бројот на жители, нема болнички постели, ниту пак служби за заштита на претшколски и школски деца, жени и медицина на труд.

Покрај Крушево, со многу мали можности за соодветна здравствена заштита се и жителите на Крива Паланка, Валандово, Македонски Брод и Кратово.

„Највисок степен на здравствена заштита уживаат жителите на главниот град Скопје, додека најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево. Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка“, велат од Центар за граѓански комуникации.

Еден од најзначајните параметри за можностите за здравствена заштита е бројот на жители на една матична ординација, односно на една служба за општа медицина. Овде, најдобро стојат три градови – Делчево, Кавадарци и Берово – во сите има по околу 1.100 жители на една ваква служба. Спротивно, најлошо стојат Гостивар и Кичево со два и пол пати полош „скор“, односно Гостивар со околу 3.000 жители на една матична служба и Кичево со повеќе од 2.700 жители на една ваква служба.

Кога станува збор за број на здравствени работници (главно медицински сестри) на еден лекар во секундарната здравствена заштита, најдобро стои Македонски Брод со 3 здравствени работници по лекар, додека најлошо стои Виница само со 0,7 сестри на еден лекар. Стандардот во оваа област е 2 сестри на еден лекар во секундарната здравствена заштита.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации кое вклучува 22 индикатори ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови,  лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, а податоците се однесуваат за 2021 година како последна година за која има расположливи и обработени податоци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ