сабота, 22 март 2025

Во Корча промовирани кандидатите на СП, меѓу нив и коалицискиот партнер Васил Стерјовски

Во Корча, Албанија се одржа промоција на кандидатите на Социјалистичка партија за парламентарните избори што ќе се одржат на 11 мај, за изборна единица Корча. Меѓу нив, како коалициски партнер е и Васил Стерјовски, лидерот на Македонската партија за европска интеграција (МАЕИ).

Објавено на

часот

Сподели

Политичкиот раководител на Социјалистичката партија за округот Корча и пратеник од оваа изборна единица, Нико Пелеши, пред присутните ги претстави кандидатите за пратеници и рече дека „ова е победничкиот тим кој ќе биде гласот на секој граѓанин во албанското Собрание”.

„Со посветен тим подготвен да ги унапреди проектите и реформите кои ја направија Корча успешна приказна, ние одлучно продолжуваме по патот кон четвртиот мандат за европска Албанија“, изјави Пелеши.

Исто така, Пелеши го претстави и  Стерјовски, нарекувајќи го „значаен глас за македонската заедница во Албанија и посветена фигура во политичката и академската јавност”.

„На овие избори Општина Пустец населена со македонско население ќе ја претставува најдобриот син на Преспа, Васил Стерјовски, кој е претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција. Ова е единствената партија со која коалицираме на овие избори бидејќи за нас македонската заедница е важна. Оваа соработка е доказ за меѓусебно ценење и почитување, како и важен чекор кон зајакнување на политичката застапеност на македонската заедница и на сите граѓани од овој регион“, истакна Пелеши.

Додаде дека Стерјовски  е „образован и вреден млад човек, поранешен пратеник, докажан како политичар и педагог”.

„Заедно ќе работиме за доброто на Македонците во Преспа, Голо Брдо и Гора и за целата прекрасна македонска заедница во Албанија“, посочи Пелеши.

Стерјовски е роден на 17 мај 1982 година во Корча. Работи како професор на Универзитетот Фан Ноли во Корча, докторанд е на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Оженет е и е татко на две деца.

Лидер на МАЕИ е од 2019 година, пратеник беше во претходниот парламентарен состав и е прв пратеник Македонец, кој јавно се декларираше како Македонец. На една од пленарните седници тој до пратениците се обрати на македонски јазик, што беше историско достигнување на Македонците во Албанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ