„Сите останати комитети во Македонија биле формирани подоцна. Со самото доаѓање на Дамјан Груев во Кавадарци во јули 1894 година, веднаш го побарал Иванче Минчев, негов соученик од солунската гимназија, со намера да му обезбеди луѓе со кои ќе говори за училишните и црковните проблеми во Тиквешката каза. Набргу Даме се уверил дека има работа со сериозни и предани луѓе, пред кои не треба да има никакви тајни. Тогаш ги запрашал дали и тие би сакале да станат членови на таква организација, чија што цел е извојување на политичка слобода по пат на револуционерна борба. Откако добил потврден одговор, Даме го извадил преписот од статутот на организацијата и пред евангелие, револвер и кама, положиле заклетва на верност спрема организацијата“, рече Михова.
Таа потсетува дека во првиот состав на организацијата влегле четворица членови и тоа Пане Иванов – претседател и главен учител во кавадаречкото основно училиште, а за членови биле избрани Иванче Минчев – чиновник и учител, Јованче Велков – трговец и претседател на црковно училишната општина и Јанаќи Илиев Ќурчиев – трговец и кожар. Следниот ден во ваташкото училиште се формирал комитет на ТМОРО во кои влегле Тодор Поп Андов, Лазо Сојтериев, Коцо Јорданов, Зарко Димов, Трајче Дубров и Пано Поцев.