сабота, 27 јули 2024
ЗОО Скопје ќе објави од што починало животното по обдукцијата

Во ист ден почина омилениот негувател во ЗОО Скопје Трајковски и угина жирафата Флопи која со години ја чуваше

Објавено на

часот

Сподели

„Вчерашниот ден беше најтежок за сите вработени во Скопје ЗОО. Ненадејно, на 44 години не напушти нашиот сакан и почитуван колега зоонегувател Ристе Трајковски. Тој беше вреден работник, омилен меѓу животните, а неговите фотографии за поврзаноста со жирафите го обиколија светот. Нека ти е светол патот, почивај во мир колега и сочувство до семејството од целиот тим на Зоолошка градина Скопје. За трагедијата да биде уште поголема, околу 16:00, го загубивме и нашиот Флопи- една од трите жирафи за кои се грижеше Ристе. Вработените дадоа се од себе да го спасат, но и покрај сите максимални напори, Флопи замина на небото заедно со нашиот Ристе. Ве молиме да го имате предвид тагувањето на сите вработени во овој момент, ова е голема трагедија и шок за сите нас. Законските процедури и постапки се запазени и се во тек, штом имаме официјални резултати од обдукцијата на Флопи, веднаш ќе биде известена целата јавност“, соопштија денес од ЗОО Скопје. 

Флопи угина само 6 месеци по Каспер кој угина во мај годинава. Првата од трите жирафи во Скопје ЗОО, Тогобо, угина во јануари 2021-ва.

Негувателот Ристе Трајковски се грижеше за нив долго време и веста за неговата смрт остави длабока празнина кај вработените во ЗООСкопје, но и кај сите кои го познаваа, а преку неговата работа често се фотографираше со децата и жирафите.

Вчера голем дел од посетителите на чии дечиња им измамил насмевка и среќа играјќи си со жирафите и хранејќи ги, објавија фотографии со него погодени од веста дека тој почина. Трајковски беше ведар и насмеан лик, човек кој со својата харизма умееше да ги усреќи и младите, но и да ги насмее и возрасните. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ