недела, 3 ноември 2024

Во Иран се одржуваат парламентарни избори, Хамнеи меѓу првите гласачи

Во Иран денеска се одржуваат парламентарни избори, а врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хамнеи (84) беше еден од првите гласачи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хамнеи ги повика граѓаните да гласаат што е можно поскоро, наведувајќи дека, како што рече, „и пријателите и непријателите на Иран ја следат излезноста“, пренесува Араб њуз.

„Израдувајте ги пријателите, а непријатели направете ги безнадежни“, додаде Хамнеи.

Прелиминарните резултати од иранските избори се очекуваат во сабота.

Изборите се очекува да бидат тест за популарноста на верското раководство, во услови на растечко незадоволство поради политичката, социјалната и економската криза, наведе Ројтерс.

Агенцијата додава дека гласањето ќе биде прва мерка за иранската поддршка на Хамнеи по антивладините протести во 2022 и 2023 година, кои доведоа до најголемите немири од Исламската револуција во 1979 година.

Заедно со парламентарните избори ќе бидат избрани и 88 членови на верското тело наречено Собрание на експерти, чија задача е да го именуваат или разрешуваат врховниот лидер.

Најголемата тврдокорна група, составена од поранешни членови на елитната Револуционерна гарда и поврзаната Басиџ милиција, како и други политичари лојални на врховниот водач Хамнеи, се очекува да го задржи мнозинството во парламентот.

Во неа се вклучени и Бхакти и Трагачите по патот на Исламската револуција, Фронтот за стабилност на Исламската револуција, Партијата исламска коалиција и Здружението на милитантни свештеници.

Рекорден број од над 15.000 кандидати на парламентарните избори поминаа под лупата на Советот на чуварите, што е речиси 75 отсто од вкупниот број кандидати кои првично се пријавија за изборите, соопшти иранското Министерство за внатрешни работи.

Советот на чувари му забрани на поранешниот претседател Хасан Рохани да се кандидира.

Реформистите, на кои им беше забрането да учествуваат во политиката по оспорувањето на реизборот на тврдокорниот претседател во 2009 година, не поддржаа ниту една листа на кандидати за парламентот.

Прореформските кандидати, кои бараат постепени промени во Исламската Република, се соочија со дисквалификација на парламентарните избори во 2020 година.

По долгогодишни неуспешни обиди за зголемување на политичките и социјалните слободи, нивната агенда беше отфрлена од демонстрантите како неадекватна во 2022 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ