понеделник, 9 декември 2024

Во Иран минатата година биле егзекутирани повеќе од 800 луѓе

Затворите во Иран станаа вистински „места на масакр“ во 2023 година, со најмалку 853 егзекуции, од кои повеќе од половина се поврзани со прекршоци поврзани со дрога, осуди денеска Амнести интернешенел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бројот на егзекуции во 2023 година е највисок од 2015 година и бележи пораст од 48 отсто во споредба со 2022 година и 172 отсто во споредба со 2021 година, соопшти Амнести интернешенел повикувајќи ја меѓународната заедница да преземе мерки за „запирање на ужасниот бран на егзекуции“.

Во соопштението се додава дека од почетокот на оваа година се извршени 95 егзекуции. „Иранските власти ја заострија смртната казна со цел да шират страв меѓу населението и да ја зајакнат власта, по протестите Жени, живот, слобода“, обвинува Амнести интернешенел.

Бран протести го потресуваше Иран неколку месеци по смртта во притвор на младата иранска Курдка Махса Амини, во септември 2022 година, која беше уапсена од моралната полиција поради непочитување на строгите исламски кодекси за облекување.

Девет лица беа егзекутирани во врска со тоа востание, според невладината организација. „Во отсуство на силен глобален одговор, иранските власти ќе се чувствуваат овластено неказнето да погубат илјадници други во годините што доаѓаат“, вели Дијана Елтахави, заменик регионален директор за Блискиот Исток.

Истакнувајќи го „неверојатниот пораст“ на егзекуции поврзани со дрога, Амнести интернешенел вели дека иранските затвори станале „места на масакр“ и ја осуди „убиствената политика против дрога на Исламската Република“.

Исто така, се нагласува дека 2023 година „е одбележана со шокантно интензивирање на примената на смртната казна против малолетни престапници, со егзекуција на 17-годишно момче и четворица млади лица осудени за кривични дела извршени на возраст под 18 години“, забележува организацијата. Егзекуциите во Иран обично се вршат со бесење, понекогаш и јавно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ