среда, 23 октомври 2024

Во Хирошима одбележана 79-годишнината од нападот со атомска бомба

Во Хирошима денеска беше одбележана 79-годишнината од нападот со атомска бомба извршен од Америка, а околу 50.000 луѓе со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од нападот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Градоначалникот на Хирошима Казуми Мацуи ги повика луѓето да се обединат за да ги повикаат светските лидери да се откажат од нуклеарните закани во услови на глобални конфликти, вклучително и војната во Украина и на Блискиот Исток.

Мацуи рече дека војната во Украина и влошувањето на конфликтот меѓу Израел и Палестинците ја продлабочуваат недовербата и стравот меѓу народите и го зајакнуваат ставот дека употребата на сила за решавање на конфликт е неизбежна, пренесува агенцијата Кјодо.

Тој додаде дека секоја критична ситуација може да се надмине со дијалог, наведувајќи дека Студената војна е завршена со дијалог меѓу последниот лидер на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов и тогашниот американски претседател Роналд Реган. Тој ги повика сите светски лидери да ја посетат Хирошима, бидејќи така подобро ќе ги разберат последиците од атомското бомбардирање.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида истакна дека должност на таа земја, која искусила употреба на нуклеарно оружје, е постојано да работи на тоа да нема нуклеарно оружје во светот. Високиот претставник на ОН за разоружување Изуми Накамитсу ја прочита изјавата на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во која тој изјави дека од минатата година, глобалната недоверба и поделби дополнително се продлабочиле и дека „некои непромислено штракаат со нуклеарниот меч“.

„Светот мора да се обедини и заедно да го осудиме ова неприфатливо однесување. И ние мора да најдеме нови решенија за заживување на разоружувањето“, посочи Гутереш. На церемонијата присуствуваа претставници на 109 земји и на Европската унија, а беа пуштени стотици бели гулаби како симболи на мирот.

Атомската бомба што САД ја фрлија врз Хирошима на 6 август 1945 година, при крајот на Втората светска војна, го уништи градот, убивајќи 140.000 луѓе.

Втората бомба беше фрлена три дена подоцна врз Нагасаки, при што загинаа 70.000 луѓе. Јапонија се предаде на 15 август.

Оние кои ги преживеаја нападите со атомска бомба имаат трајни последици, поради изложеноста на радијација.

Вкупниот број на преживеани од нападите на Хирошима и Нагасаки во март изнесувал 106.825, што е за 6.824 помалку од пред една година, според податоците на јапонското Министерство за здравство, труд и социјална заштита.

Преживеаните од Хирошима и Нагасаки се познати како „хибакуша“ и се залагаат за забрана на нуклеарно оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ