„На овој штрајк му недостига легитимност и затоа правиме сè за доброто на нашите корисници“, го објасни претставникот на Дојче бан АГ Длоријан Вех барањето за одложување на штрајкот пред надлежните судови.
Тој најави повторена скратена постапка пред трудовиот суд за да се постигне одложување на штрајкот кој Дојче бан го смета за несразмерен. Во првиот процес во понеделникот судот во Франкфурт го отфрли барањето за одложување на штрајкот.
Синдикатот на машиновозачи ГДЛ ги повика своите членови да ја прекинат работата во товарниот промет од вторник во 18 часот до среда во 2 часот. Штрајкот би требало да трае до петок до 18 часот.
ГДЛ од ноември е во преговори со Дојче бан за зголемување на платите од најмалку 500 евра и скратување на работното време. Спорно за Дојче бан е пред сè скратувањето на работното време на 35 часа со полна плата.
Машиновозачите веќе двапати штрајкуваа во текот на оваа рунда преговори, што во двата случаи резултираше со парализирање на сообраќајот. Штрајкот на машиновозачите ги опфаќа и вработените во градските железници низ Германија, што го отежнува заминувањето на работа за милиони граѓани.
Институтот за германска економија од Келн проценува дека најновиот штрајк би можел да ѝ нанесе големи загуби на економијата.
„Особено се погодени гранките кои зависат од железничкиот товарен сообраќај како автомобилската, хемиската и тешката индустрија“, се наведува во соопштението на Институтот.
Овој тридневен штрајк се поклопува со таканаречената акциска недела на земјоделците, за време на која земјоделските здруженија најавија блокада на сообраќајниците низ земјата протестирајќи против укинувањето на субвенциите за дизелот, што може да доведе до целосно парализирање на сообраќајот во Германија.