сабота, 4 јануари 2025

Во Германија од петарди загинаа пет лица, а десетици се повредени

На новогодишната ноќ во Германија пет лица ги загубија животите поради пиротехнички средства, а десетици се повредени, што на првиот ден од 2025 година повторно поттикна дискусии за целосна забрана на пиротехниката.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Пет мртви, многу тешко повредени. Градовите преплавени со отпад и да не заборавиме на ужасите низ кои минуваат животните. Сето тоа е резултат на лудилото од користењето пиротехнички средства. Тоа нема никаква врска со традицијата и крајно време е да се забрани“, рече социјалдемократскиот политичар и градоначалник на Бремен, Улрих Мауерер. Жртвите се регистрирани во различни делови на Германија, додека најмногу повредени има во Берлин.

„Бројот на повредени е споредлив со бројот на пациенти во претходните години, но повредите се многу потешки“, велат од клиниката за трауматологија во Берлин.

Меѓу повредените има неколку пациенти кои ослепиле поради експлозиите, како и пациенти на кои поради повредите морале да им бидат ампутирани екстремитети.

Полицијата смета дека годинава повредите се посериозни поради нелегалните експлозивни средства, кои ги има повеќе од вообичаено. Полицијата укажува на петарди со голема експлозивна моќ. Една таква направа дури предизвикала штета на згради и скршени прозорци во областа Шоенфелд.

Во квартот Нојкоелн непознати лица се обиделе да постават барикади на улиците, а полицајците и пожарникарите кои дошле да ги расчистат, како и претходните години во тој кварт биле нападнати со пиротехнички средства.

Својата огорченост од нападите врз претставници на јавните служби изрази и градоначалникот на Берлин, Каи Вегнер.

„Просто е незамисливо оваа година да бидеме сведоци на напади врз полицајци со нелегални петарди кои се силни како бомби, фрлање камења или пиротехнички средства врз работниците за брза помош и пожарникарите. Сторителите мора во целосен обем да ги почувствуваат средствата на владеењето на правото“, рече Вегнер.

15 полицајци се повредени во Берлин на новогодишната ноќ. Истовремено, Вегнер истакнува дека „мнозинството Берлинци“ славеле мирно, вклучително и на организираната прослава пред Бранденбуршката порта, каде што се собрале околу 60.000 лица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ