среда, 18 декември 2024

Во Франкфурт отворена изложбата „Темната страна на Римската историја“

Во Археолошкиот музеј во Франкфурт синоча беше отворена изложбата насловена „Темната страна на Римската историја“, како резултат на соработката помеѓу Музејот на Град Скопје и Германскиот археолошки институт, кои неодамна потпишаа Меморандум за соработка. Изложбата ќе биде поставена до јуни следната година.

Објавено на

часот

Сподели

Државниот секретар на Министерството за култура и туризам во Македонија, Марија Ѓоргова во своето обраќање посочи дека оваа изложба ни овозможува да ги истражиме термините, но и фасцинантните аспекти од животот во римската провинција, преку археолошките откритија од античкиот град Скупи, кој денес е значаен дел од културното наследство на нашата земја.

„Масовната гробница, централната тема на изложбата, носи приказни за историјата, за социјалните односи и за обичаите на едно минато време кое и денес остава траги врз нашето разбирање на светот. Пронајдените артефакти се неми сведоци на минатото, кои ни поставуваат прашања за разбирање на животот, општествените структури и обичаите на оние што живееле пред нас“, рече Ѓоргова, јави специјалниот известувач за МИА од Франкфурт.

Артефактите, дополни Ѓоргова, ни даваат увид и во нивните верувања, уметнички изрази и врските што ги граделе со светот околу себе, но и за тоа како се преплетуваат со пошироките текови на Римската империја.

Како што посочи, изложбата е мост што ја поврзува нашата историја со сегашноста, овозможувајќи ни да се потсетиме на важноста на културното наследство и неговото зачувување за идните генерации.

Директорот на Музеј на Град Скопје, Панче Велков во своето обраќање посочи дека изложбата е приказ на многу редок археолошки наод, кој говори за значењето на градот Скупи и воопшто на археолошкото богатство на нашата држава.

Тој додаде дека отворањето на изложбата во центарот на Европа е значаен настан, кој ќе ни помогне во развивањето на соработката со Германија во овој домен.

-Оваа изложба како што кажува и самиот наслов, прикажува една темна страна од римската историја, поточно масовна гробница која што е пронајдена во Скупи. Навистина ова е многу редок археолошки наод, кој што зборува за значењето на градот Скупи и воопшто на археолошкото богатство на Македонија, за кое се уште многу не знаеме, бидејќи се уште немаме можности да ги истражиме овие наоди и точно да ја утврдиме приказната и историјата на војници од висок ранг, а на кои им биле отсечени главите“, појасни Велков.

Директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, Волфганг Дејвид посочи оти се надева дека до јуни изложбата ќе ја видат над илјада посетители.

„Сега е период на божиќни и новогодишни празници, но сепак изложбата ќе биде отворена до јуни следната година и очекуваме дотогаш да ја видат над илјада посетители. Во текот на годината во музејот имаме околу 50 илјади посетители, оптимист сум дека сите ќе ја видат и оваа изложба. За нас е важно изложбата да биде видлива и да се запознаат посетителите за откритието на масовната гробница во Скупи“, порача Дејвид.

„Темната страна на Римската историја“ беше подготвена од страна на покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот на Скупи.

Оваа изложба премиерно беше прикажана во Музејот на Град Скопје во 2017 година, потоа во Подгорица во Црна Гора, во Требиње во Босна и Херцеговина, како и во Белград.

Претходно, на 26 ноември, шестмина специјалисти предводени од заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер го посетија Скопје, каде беше потпишан и меморандум за соработка меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје.

Од Музејот на Град Скопје за МИА брифираа дека овој меморандум претставува прв чекор во воспоставување на соработката што ќе биде на државно ниво меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.

Претставниците од Германскиот археолошки институт во рамки на нивната посета на Скопје остварија и средба со претставници од Министерството за култура на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ