петок, 19 април 2024

Во ЕУ со стари пасоши ќе може ама за дома не ќе може, пратениците се на потег, вели Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски изјави дека денеска добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Тошковски, во гостувањето утринава на Сител ги повика повторно пратениците во Собранието да поддржат и измени за продолжување на рокот на важност на патните исправи.

„Денеска добив на писмено информација каде комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок, ми беше најавено од белгискиот амбасадор. Ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Нашите граѓани кои се надвор од Македонија, 70.000 се со старото име во Германија, тоа го имаат Германците како податоци, ние го немаме. Тие без проблем ќе може да отидат во Унгарија и Чешка, но нема да можат да излезат од Македонија ако дојдат дома. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А ние што правиме – само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење, заради тоа што пратениците од владеачката структура – од СДСМ и ДУИ, не сакаат да стиснат едно копче“, рече тој.

Министерот Тошковски истакна дека дневно може да се изработат само по 3.000 нови пасоши, но во оптимизирани услови и нагласи дека најважно е да не се изгуби континуитетот и динамиката во испораката на обрасците.

„Ако има печатење на пасоши од тип Б со други јазици, ќе биде под 2.800, така е побавно“, вели Тошковски.

Според неговите прогнози, пасошите ќе се обноват до Нова година доколку се биде во ред со машините и со испораката на обрасците.

„До Нова година ќе може да се стаса, имаме отприлика околу 10 месеци, но само ако се зголеми капацитетот, барем минимално, и ако ги имаме обрасците – ќе може да ги обновиме оние пасоши 650.000 со старото име. Уште една машина не може да се обезбеди, затоа што сега се избори, а таа постапка трае долго врме. Ако работиме 25 дена во месец, по 3.000 на ден, тоа е 75.000 месечно. Со оваа бројка ќе може да се обноват“, рече Тошковски.

Кога пратениците го продолжија рокот на важност за возачките дозволи, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи и измени со кои би се продолжил рокот на важност на пасошите до крајот на годината. Но, пратениците не успеаја да се договорат, па овој предлог не се најде во распоредот во Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ