Избрканите вработени во четвртокот се обиделе на поинаков начин да го решат овој проблем и откако заедно со нивни пријатели се собрале пред топланата во Тафталиџе во Скопје, но за среќа сè завршило само со вербална расправија. Дел од дојдените пред топланата носеле и железни шипки. Неколку медиуми на албански јазик на овој случај му дадоа етничка димензија.
Официјално од ЕСМ велат дека отказите биле потпишани откако било утврдено нарушување на работниот ред и дисциплина и неоправдано отсуство.
„Во текот на грејната сезона, од особена важност е работните процеси во компаниите да функционираат непречено за да се обезбеди континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите согласно лиценцата. Вработените во АД ЕСМ и сите друштва на компанијата имаат обврска да го почитуваат работниот ред и дисциплина согласно законот за работните односи и интерните акти на работодавачот, а за секое непочитување, вработените сносат одговорност. Во изминатиот период, кај одредени вработени е утврдено кршење на работниот ред и дисциплина и неоправдано отсуство, што негативно влијаеше на работните процеси и создаде недостиг на кадар. По претходно утврдена фактичка состојба, донесена е одлука за прекин на работниот однос за неколку вработени за кои во изминатиот период е утврдено кршење на работниот ред и дисциплина. Секој вработен има право на правна заштита согласно позитивните законски прописи“, се вели во официјалното соопштение на АД ЕСМ.
Од компанијата додаваат дека очекуваат одговорно и професионално извршување на работните задачи од сите вработени, без оглед на нивната национална или етничка припадност. „Компанијата останува доследна на својата обврска да обезбеди праведен и одговорен работен амбиент за сите вработени и ќе продолжи да ги следи и почитува сите законски прописи, и доследно со тоа и да презема соодветни мерки за одржување на редот, дисциплината и ефикасноста на работното место“, се додава во соопштението на АД ЕСМ.
Пред Милетиќ, директор на ЕСМ топлина беше правникот Бујар Дардишта, предложен од тогашната владеачка партија ДУИ. Дардишта на оваа функција дојде од директорската позиција во Управата за водење на матични книги. Државниот завод за ревизија утврди дека во 2019 година кога тој бил директор на Управата биле издадени 21.957 погрешни изводи, односно 4 отсто од вкупниот број издадени изводи од матичните книги. Во реализираната ревизија бил констатиран кусок од 94.451 извод во матичните книги во Скопје, Тетово, Ресен, Гостивар и во Прилеп. Односно, ДЗР утврдил дека за толку обрасци на изводи не се наплатени ниту административни такси.
А.Д.