„Поради актуелната криза и посебните околности во регионот тој процес е прекинат. Не гледаме никаква основа за разговори додека не ја надминеме актуелната криза. Идните одлуки за тоа дали повторно ќе се активира (комуникацијата) ќе бидат донесени по понатамошна проценка“, кажа Аракчи во Оман, каде разговара со тамошните власти за актуелните израелски злосторства во Палестина и Либан.
Осврнувајќи се на специфичните регионални околности, Аракчи укажа на постојаните напори на Оман во решавање на регионалните прашања, вклучувајќи ја позитивната улога во посредувањето меѓу Иран и САД, или преку, како што наведе, „размена на пораки или поставување на арената за преговори“, пренесува иранската агенција Фарс.
Првиот ирански дипломат додаде дека за време на посетата на Оман ги изнел ставовите на Иран, кои ќе им бидат пренесени на сите релевантни земји, вклучувајќи ги САД и европските држави. Аракчи истакна дека, иако Иран е целосно спремен за војна, тој не тежнее кон конфликт, „сметајќи дека дипломатијата би требало да биде првата акција за спречување на војната“.
Оман долго време е соговорник на Техеран и Вашингтон, особено во тајните преговори кои доведоа до нуклеарниот договор на Техеран со светските сили.